Триесетина дела од ликовниот уметник Горан Боев од Кавадарци се дел од изложбата што вечерва беше отворена во Културно информативен центар во Скопје.
-Ова е можеби една од естетски повозбудливите изложби што сме ги имале. Се работи за еден фантастичен уметник, естетски профилиран и мислам дека вреди оваа изложба да се види. Со ова воспоставуваме соработка со Музејот од Кавадарци, рече директорот на КИЦ, Антонио Димитров.
Јаким Зимоски, директор на кавадаречката Музеј галерија, појасни дека изложбата се реализира во соработка со локалната самоуправа Кавадарци, со поддршка на Министерството за култура.
-Горан Боев е уметник кој го заслужува вниманието на пошироката јавност. Се работи за уметник со големо искуство, подвлече Зимоски.
Авторот изрази задоволство од големата посета и соопшти дека се работи за дела од последниот циклус на неговото творештво, во кои тој искрено ги изразува своите чувства.
Изложбата ќе биде отворена околу две седмици и има продажен карактер.
По Скопје, дела од Боев ќе пропатуваат низ неколку други македонски градови и во Белград.