Изложба на акварели на Билјана Санџакоска

Билјана Санџакоска е родена во Охрид во 1963 годин, а во светот на ликовните уметности влегува како автодидакт

Вечерва, со почеток во 20 часот, во Галеријата “Вангел Коџоман” во Струга ќе биде отворена изложба на акварели со наслов “Прелевања” од Билјана Санџакоска.

За изложбата ќе зборува проф. д-р Иван Додовски. На отворањето ќе настапи и вокалистката Ева Милошевска во придружба на гитаристот Методи Поповски.

Изложбата содржи седумдесет акварели во мал формат во кои доминираат топосите на езеро, планина, поток, шума и селски куќи зад чии необични издигнати покриви често се наѕира купола на храм во облик на лукавица од руски тип. Застапена е и серија слики со контури на лица, најчесто три, во предел сликан со тенденција на апстракност. Честопати во акварелите на Билјана Санџакоска природата се прелева кон друга, подлабока стварност, дрвјата стануваат сини полукружници, стеблата се бојат лилаво, а целиот насликан предел открива мистична загадачност и спокој.

Билјана Санџакоска е родена во Охрид во 1963 година. Во 1987 година дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата за француски јазик и литература. Во светот на ликовните уметности влегува како автодидакт. Особено поле на изразување на нејзината ликовна дарба и култура е иконографијата и акварелот. Со самостојна изложба на икони се претставила во 2005 година во Центар за култура во Струга.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни