Изложба „Метаморфози“ на Панде Петровски во галеријата „Остен“

Вечерва, во галерија ОСТЕН ќе биде отворена самостојната изложба на слики на уметникот Панде ПЕТРОВСКИ со наслов „МЕТАМОРФОЗИ“.  Оваа изложба е програмски дел од најавната програма на ОСТЕН БИЕНАЛЕ Скопје 2024, а истовремено и програмски дел од јубилејната година на Панде Петровски – 65 години творештво.

Најновиот циклус на Панде Петровски – Матеморфози, не само што е повеќе од циклус, туку е и своевиден автохтон, обемен опус, дневничко и упорно запишуван со специфичен ликовен јазик: зрел, изграден и сериозно обликуван и духовно преобразуван во потполна ликовна посветеност.
Тоа своевидно виртуозно воспевање на елементарната линија, која најчесто е вистинската, елементарната, суштинската и најдлабоката азбука во сликарството.
– Циклусот „Метаморфози“ е творечки резултат на потполно изградена комплетна ликовна зрелост, со линиски бравури кои не се во функција само за изразот на творечкото – цртачкото сугестивно изразување туку пред се се сериозен и исклучително важен мисловен, симболичен и асоцијативен јазик во изградувањето пред се на една неповторлива и мошне значајна поетско мисловна композиција. Таа композиција ги следи неговите зрели, синтетизирани, лаконски изразувања, но и ги следи неговите изградени, современи и мошне иновативни композициски структури кои создаваат одреден ликовен свет чии аналогии се во своевидна паралела со актуелните цртачко – графички достигања, проблесоци, карактеристични за современото светско творештво – соопштуваат од галерија Остен.

За уметникот

Панде Петровски е роден на 25.09.1939г. во Брусник, Битола. Завршил Педагошка Академија во Скопје, ликовна насока во класата на Вангел Коџоман. Работел како наставник по ликовно воспитание од 1964 до 2002). Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) и ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници Битола). Координатор е на меѓународната ликовна колонија “Де Ниро”–Битола од нејзиното основање (2005 год.).Реализирал повеќе самостојни изложби (од 1959 до 2014) во: Битола, Кавадарци, Охрид, Креплин и Жагубица (Србија), Крањ (Словенија), Упсала (Шведска), Сиднеј и Волонгог (Австралија). Учествувал на многубројни групни изложби (од 1964 до 2004) во Битола, Кавадарци, Неготино, Прилеп, Штип, Куманово, Струга, Скопје, Софија (Бугарја) и Истанбул (Турција). Неговите дела биле изложени и на меѓународни изложби на карикатури во Скопје, Струмица, Белград, Земун, Монтреал, Габрово, Истанбул и на меѓународни ликовни колонии во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Грција и Романија (во период од 1999 до 2015).

Неговите цртежи се објавувани во весниците како “Нова Македонија”,”Остен”,”Просветен работник”,”Битолски Весник”, “Без Навреда” и во повеќе списанија за култура како и антологиите за македонскиот и балканскиот афоризам. Исто така неговите цртежи се наоѓаат и во книгите: “Бели мисли и размисли”-афоризми, “Оаза на плачот”- хуморески, ”ДУМИ”-афоризми и хуморески, ”Срце куќа најширока”–цртежи (монографски каталог), ”Хомољски мотиви”–цртежи. Неговите илустрации ги има и на насловните страни во повеќе од 100 книги за деца и возрасни.Добитник е на повеќе награди меѓу кои: наградата “Кирил и Методиј” за особени достигнувања во образованието, наградата “4-ти Ноември” на Општина Битола од oбласта на ликовната уметност, наградата на XIX Југословенски конкурс за сатиричен цртеж и современа карикатура на “Студенски збор”, специјална награда на 37. Светска галерија на карикатура “Остен”-Скопје, плакета–50 години МНД-Битола, наградата „Борислав Траиковски“ за најдобро ликовно остварување на годишната изложба на ДЛУБ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни