Од деверуша до монарх, модната еволуција на кралицата Елизабета II ќе биде тема на голема изложба во Бакингемската палата, каде ќе бидат прикажани 200 облеки и модни додатоци од нејзиниот живот.
Од палта во впечатливи бои до свечени коронациски фустани, гардеробата на кралицата Елизабета II не се сведуваше само на класични комплети и бисери – и наскоро јавноста ќе има ретка можност одблизу да го доживее нејзиниот стил.
Големата изложба со наслов „Кралицата Елизабета II: Нејзиниот живот во стил“, ќе биде отворена во Кралската галерија во Бакингемската палата на пролет 2026 година, во чест на нејзиниот 100-ти роденден. Изложбата ќе ја прикаже нејзината животна приказна преку модата, со околу 200 експонати, од кои некои ќе бидат прикажани за првпат.
Според Кралската колекција, која сега го надгледува модниот архив на кралицата, ова ќе биде најголемата изложба на нејзини облеки досега. Изложбата ќе ги опфати сите фази – од сребрениот ламе фустан што го носела како осумгодишна деверуша на свадбата на својот вујко во 1934 година, до нејзиниот венчален фустан од 1947 дизајниран од Сер Норман Хартнел, коронацискиот фустан и многу од познатите палта, чанти и марами кои го дефинираа нејзиниот јавен имиџ.
„Во годината кога таа ќе наполнеше 100 години, изложбата ќе биде прослава на уникатниот британски стил на кралицата Елизабета и нејзиното трајно модно наследство,“ рече кураторката Каролин де Гито.
Таа додаде дека изложбата ќе го истакне „живот исполнет со внимателни модни избори – од нејзината активна улога и разбирањето на ‘мека моќ’ преку облеката, до исклучителната изработка зад секое парче.“
Мода со дипломатска порака
Изложбата ќе ги открие и дипломатските пораки што често се криеја зад модниот избор на кралицата. Еден впечатлив пример е зелено-бел фустан што го носела на државна вечера во Пакистан во 1961 година – во боите на знамето на домаќинот.
Посетителите ќе имаат можност да видат дизајнерски скици, примероци од ткаенини и рачно напишани белешки, што ќе овозможи поглед зад кулисите на обликувањето на стилот на една од најпрепознатливите жени на светот.
Од свечени фустани од Харди Ајмис и Иан Томас, до неформални твидови, тартански здолништа и јакни за јавање – изложбата ќе го прикаже стилот на кралицата и во јавност и во приватност.
Бакингемската палата потврди дека изложбата ќе трае од пролет до есен 2026 година, а деталите за билетите ќе бидат објавени во ноември 2025.
Воедно, ќе биде објавена и книга во придружба на изложбата, „Кралицата Елизабета II: Мода и стил“, со есеи од модни историчари и дизајнери.
„Во текот на вонредно долгото владеење на кралицата Елизабета II, нејзиниот препознатлив стил стана симбол низ целиот свет, поддржувајќи ја британската модна индустрија и инспирирајќи генерации дизајнери,“ додаде де Гито.
Значи, без разлика дали сте љубител на кралските семејства или моден ентузијаст – ова е настан што вреди да го означите на календарот. Дополнително, во 2026 година ќе биде откриен и финалниот дизајн на националниот споменик за кралицата Елизабета II.