Во организација на „Партизанска штампа“, вечер во галеријата на Отворено графичко студио ќе биде претставена изложбата „Чергари, патници“ – уметничко патување низ архетипите на колективната меморија, традиционалната македонска орнаментика и современата графика. Проектот опфаќа изложба на графики и книга во сито печат, создадени во изминатата година во студиото на „Партизанска штампа“.
„Инспирирана од визуелниот јазик на народниот вез и неговата симболика, изложбата го следи патот од локалното кон универзалното, од декорот кон симболот, од чергата кон космосот. Во неа орнаментот не е само украс, туку жив симбол – кодиран запис на културното несвесно каде се среќаваат животот, сонцето, телото и духот, минатото и сегашноста“, соопшти организаторот.
Во живо ќе настапат Јоана Ристеска, Иво Николовски, Борјан Гаговски, Тома Димовски, Марко Печеновиќ, Наталија Калајџиеска и Атанасија Гулевска, а по нив ќе настапи „THE BELLY“ од Белград.
Проектот истовремено е и ретроспектива на десетгодишното работење на графичката работилница „Партизанска штампа“, која од 2014 година активно делува како занаетчиска платформа за современа графика и сито печат. Колективот развил повеќе од педесет соработки со автори и колективи од регионот и Европа, а неговите изданија и изложби се претставени во Белград, Берлин, Марсеј, Рим, Гетеборг, Веспрем и Скопје.
Дел од инсталацијата „Чергари, патници“ беше премиерно поставенa на фестивалот „Тендерете“ во Валенсија, 2025 година.