Како што информираат од Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“, Киро Урдин живее и твори помеѓу Македонија и Белгија, создавајќи уметност со силна верба во човековите вредности. Неговата работа, велат, опфаќа сликарство, филм, танц, скулптура, фотографија, литература и филозофија, со централен фокус на обединување на културите и уметничките дисциплини. Покрај сликарството, од „МакеДокс“ велат дека Урдин снима документарни филмови и пишува кратки афоризми.
– На програмата во Сули ан на 26 август, со почеток во 19 часот, се отворањето на фотоизложба и проекција на филм од мултимедијалниот уметник Киро Урдин. На своите патувања, Киро Урдин го доловува духот на местата каде животот сè уште тече со реката, сонцето и чистиот воздух – како во етиопската Долина Омо, каде насмевките светат посилно од слонова коска, а ноќите се осветлени со безброј ѕвезди. Неговата работа нè повикува да зачекориме во светови каде културите, пејзажите и луѓето се испреплетуваат во заедничка човечка приказна. Проекцијата на документарниот филм „Вода и оган“ (Белгија, Македонија / 2009 / 52 мин.) ќе почне во 20:30 часот, стои во соопштението на „МакеДокс“.

По проекцијата на документарниот филм на Урдин, ќе бидат прикажани три нови документарни остварувања на учесниците во школата за филм „Докуникулци“ на „МакеДокс“, односно филмот „Живуша“ на Ксенија Довезенска, филмот „Како стигнав до овде?“ на Рој Стефанова и филмот „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски.
– Филмот „Живуша“ на Ксенија Довезенска се нурнува во спокојот на кумановското село Довезенце, каде брачниот пар Заре (68) и Мирјана (62) ги минува старечките денови грижејќи се за својот добиток, како и за бавчата во која произведуваат зеленчук и овошје. Со филмот „Како стигнав до овде?“ авторката Рој Стефанова прави саморефлексија, со која сака да ги прикаже бројните борби од секојдневниот живот на една писателка, која цел живот се мачела да пишува. Наставничката по уметност, Билјана Димитрова, сонува за поинаков свет – свет во кој уште од најрана возраст нè учат да создаваме, да си веруваме себеси и да се грижиме за оние околу нас, а нејзината приказна со филмот „Борби со ветерници“ ја раскажува Борјан Гаговски, се наведува во соопштението.