Изложба „20 години Салон на стрипот“ со цртежи од цртачите на „Загор“, „Супермен“, „Бетмен“, манга

Во Медиотеката на Градската библиотека во Велес поставена е изложба „20 години Салон на стрипот“, со плакати и стрипови кои биле дел од содржините на двете децении на Салонот.

Организаторот и идеен творец на Салонот, Ване Трајков, се потсети на дел од настаните кои ја одбележаа манифестацијата.

„На почетоците на манифестацијата 2003 и 2004, гостите беа сместени дома кај мене по седум-осум души.Обезбедував сместување, храна, само стрип фестивалот да се одржи. Во годините што следат имаше моменти кои ќе го одбележат фестивалот, но и живеењето на градот. Во 2011 дојде Американецот Џамал Ајгел, стрип цртач на ДС Комикс, на Супермен, Бетмен, Лигата на правдата. Следната година гостин беше цртачот на Загор, Италијанецот Марио Лоренти. Тој фестивал ќе остане забележан по бројните гости кои дојдоа тогаш и никогаш повеќе. Тие земаа по еден, некои и по две-три, од 128 оригиналните табли со стрип јунакот Загор. Тие денес вредат по 500 евра на пазарот. Следните години доаѓаа гости од други држави, имаше и цртач на манга стрип од Јапонија. Со годините манифестацијата беше интересна, па имаше се поголема финансиска помош“, кажа Трајков.

Ликовниот уметник Коле Манев е добитник на признанието за животно дело за стрипот „Љупчо Филипов“. Наградата му беше врачена на отворањето на 20. стрип салон во Велес, за придонесот на Манев за развој и афирмација на македонскиот стрип.

За овие 20 години, меѓу добитниците на признанието за животно дело за стрип се и Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Томислав Османли, Дарко Марковиќ, стрип книжарницата „Бункер“, списанието „Остен“.

На јубилејниот 20. стрип салон, беа доделени и нагрдите од меѓународниот конкурс. Првата награда „Златен стрип“ и парична награда од 300 евра добија авторите Марко Стојановиќ, Милорад Вицановиќ и Аљоша Томиќ од Србија и БИХ за стрипот „Аут“. На конкурсот бил пријавен 171 стрип од 21 држава. Истовремено се одржува и стрип колонија со учество на стрип автори до Вишеградската група од Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, како и од Србија, Косово и Македонија. Тие работат во куќата на Касапови.

Стрип салонот и стрип колонијата се финансиски поддржани од Општина Велес, Министерството за култура и Владите на Вишеградска група.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни