Изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ ќе се отвори на 5 февруари (четврток) во КСП – Центар Јадро, со почеток во 19 часот.
Инспирирана од теренските искуства и заложбите на тимот за закрепнување на балканскиот рис, изложбата донесува серија слики преку кои посетителите можат да влезат во балканската шума и да се запознаат со светот на младата балканска рисица Зора – свет во кој таа живее заедно со други видови како дел од еден меѓусебно поврзан екосистем.
Драгослава Ѓуриќ е визуелна уметница која се занимава главно со маслено сликарство, а инспирацијата ја црпи од дивиот свет, шумите, мочуриштата и меѓусебно поврзаните животи кои ги одржуваат природните екосистеми. Нејзината работа ги истражува начините на кои може емоционално да се поврземе со животните кои најчесто ги сретнуваме оддалеку, низ бројки или како апстракции.Изложените уметнички слики ќе може да се купат.
Дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на натамошната работа за закрепнување на балканскиот рис.
Покрај сликите, изложбата вклучува и избрани теренски фотографии и материјали направени од тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, преку која Македонското еколошко друштво веќе 20 години работи на зачувување на овој вид кај нас. Овие фотографии доловуваат какви се опкружувањата во кои живее балканскиот рис и како изгледа работата на терен којашто придонесува за неговиот опстанок во овие краишта
Изложбата ќе трае една недела (до 12 февруари). Бесплатна е и отворена за сите возрасти.
