Наташа Гелева со изложба во Струга

Значајна изложба на фотографката Наташа Гелева посветена на возилата и нивниот однос со околината, во Струга. Оваа изложба не е само фокусирана на нив како објекти, туку и на убавината, недостатоците, филозофските наративи од нивното промислување, кое го носат гледачот кон свое, посебно патување.

Овој петок, во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци” во Струга ќе се отвори изложба на триесетина фотографии со димензии 30×45цм на Нашата Гелева. Изложбата ќе биде поставена во фоајето на центарот и е насловена ,,Состојба на нештата – возила”. Во прилог, го пренесуваме текстот кон настанот од Сашо Насковски како вовед за настанот и запознавање со делата кои ќе бидат претставени:

Понекогаш се чини дека уметникот следи една тема во текот на својот живот и таа се манифестира во различни форми. Понекогаш треба време да се сфати главната тема на уметничкиот интерес. Така гледајќи ги од оваа перспектива изложбите „Елегија за старата железничка“, „Хомо натура- хомо технологикус“, „Излишно“, видеото „И фабриките имаат душа, заедничката тема што се провлекува низ сите нив е смртноста, ефемерноста, ранливоста, емпатијата кон она што е отфрлено, кон другото, искористено, на маргините, деструктивната сила на конзумеризмот.
Формата се менува, дали е тоа една зграда, или повеќе напуштени објекти, луѓе на работ на општеството, отпад, загубени или фрлени играчки и сега во новата серија „Возила“, тоа се само потсетници на нашата минливост.
Автомобилската фотографија генерално служи пред се, да го „слави“ и споделува автомобилот, да ја поврзува страста кон машината, возењето, брзината. Обично го отсликува возилото во својот полн сјај, дури и деловите од возилото, светлата, гумите, хаубата, ладилникот, моторот.

Во серијава „Возила“ тоа воопшто не е случај. Се потенцираат поинакви елементи и се користи сосема различен визуелен пристап. Како прво воопшто не станува збор за скапи и моќни возила и освен тоа изостануваат крупни планови на делови од возилата. Напротив, истите се прикажани како дури слеани со позадината т.е. околината. Тоа се најчесто стари, возила на отпад или на друг начин манипулирани возила. Возилата како симболи на едно време со својата убавина и недостатоци што не потсетуваат дека на некој начин тоа им се случува и на луѓето. Оставени на забот на времето, потсетуваат на кратките моменти на слава што ги имале. Потсетуваат на апокалиптична иднина налик на Лудиот Макс. Или како што би рекол Алдоус Хаксли: „Минливост што е сепак вечност, постојано исчезнување што е во исто време постоење, единствени честички во кои по некој парадокс може да се види божествениот извор на постоењето“. Симбиозата помеѓу возилата и самата околина во која се наоѓаат е очигледна во повеќето фотографии. Во некои дури самите возила се слеани со околината до степен на камуфлажа.

Позадинските елементи во фотографиите не се монументални и пространи до тој степен до кој што би ја потиснале димензијата на возилата. Така се избегнува експлицитната доминација на моќта на просторот, на сметка на симбиотичката поврзаност помеѓу позадинските елементи, (најчесто урбани) и самите возила како дел од целината на фотографијата. Така самите возила стануваат елементи кои ја наполнуваат средината која е обично стара, истрошена, пропадната, оштетена од забот на времето, еден лајт мотиф кој се провлекува во делата на авторката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни