Во Чифте амам се отвора „А“: изложба на Олгица Антовска инспирирана од водата и светлината

Самостојната изложба „А“ на уметницата Олгица Антовска ќе биде отворена на 17 март во Чифте амам во Скопје, со полиптих од 30 платна што ја истражуваат водата како симбол на живот и духовност.

Во галерискиот простор Чифте амам во Скопје, на 17 март 2026 година во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба „А“ на уметницата Олгица Антовска.

Поставката е конципирана како долг полиптих составен од триесет платна поставени на бела позадина и продолжени во нишите на галерискиот простор. Делата се инспирирани од водата и светлината, кои уметницата ги третира како симбол на живот, движење и духовност.

На платната, обликувани во кружни и елипсоидни форми, боите се појавуваат во суптилни тонови и создаваат тивка, но силна визуелна атмосфера. Наместо класични пејзажи, Антовска создава апстрактни композиции што асоцираат на маглина, облаци, вода или светлосни сфери.

Композициите се изградени околу светлосен центар кој ја формира динамиката на сликата. Меѓу делата се „Капка живот“, „Бран“, „Дождовен џез“, „Стаклени мисли“, „Замрзната тишина“, „Кристална светлина“, како и серијата „Вода – плазма“, во кои водата се појавува како форма што постојано се менува, исчезнува и повторно се создава.

Изложбата ги повикува посетителите да ја почувствуваат енергијата на водата и светлината и да влезат во дијалог со природата и сопствената внатрешност.

Со повеќе од три децении активно творештво, изложби во Македонија, Србија, Германија, Полска и САД, како и учества на меѓународни биеналиња, Олгица Антовска се вбројува меѓу значајните имиња на современото македонско сликарство. Нејзиниот лирски апстрактен израз ја поврзува природата со духовниот свет на човекот, градејќи препознатлив и влијателен уметнички јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни