Унгарија гласа. И гласа погласно отколку во последните години.

Излезноста на изборите во Унгарија рекордна

Рекордна излезност, 60 пријави за изборни неправилности и Орбан кој вели дека ќе поднесе оставка само при „голем пораз”.

До 9 часот наутро на гласачките места се пријавиле 16,89 отсто од гласачите, речиси двојно повеќе во споредба со изборите во 2022 година, кога во исто време гласале само 10,31 отсто. Аналитичката платформа Валасташи Фелдрајз веќе забележала дека поголема излезност се бележи во изборните единици каде Тиса имала подобар резултат на европските избори во 2024 година, сигнал кој оди во прилог на опозицијата.

Денот ветува историски пресврт, вечат аналитичарите.

Орбан: „Дојдов да победам”

Виктор Орбан гласал наутро и не ги криел очекувањата. „Дојдов да победам”, рекол пред новинарите. Кога го прашале колкав пораз би бил потребен за да поднесе оставка, одговорил краток: „Голем.”

Ги повикал младите да излезат на гласање, а податоците за излезноста ги прокоментирал со: „Многу добро, колку нè има повеќе, толку подобро.”

На прашање дали би му честитал на Маѓар доколку Тиса победи, Орбан одговорил потврдно. „Да, секогаш се придржувам до цивилизациски стандарди”, рекол. Кога го прашале дали смета себеси за Путинов пријател, дал дипломатски одговор: „Унгарија тежнее кон пријателски односи со лидерите на сите големи држави.”

На прашањето дали жали за нешто од изминатите 16 години, накратко рекол: „Благодарам, добро сум.”

Маѓар: „Никој сериозно не може да мисли дека Тиса нема да победи”

Петер Маѓар гласал во градинка во 12. округ на Будимпешта, изразувајќи цврсто убедување во победа. „Никој сериозно не може да мисли дека партијата Тиса, а со неа и Унгарија, нема да победи на изборите”, рекол тој.

Додал дека ќе ги прифати резултатите доколку нема изборна измама која пресудно би влијаела на исходот. Тиса до тој момент преку партиската веб-страница примила околу 60 пријави за изборни неправилности. „Не им препорачувам на никого да оди во затвор наместо Фидесовата мафија”, порачал Маѓар.

Кладилниците не му веруваат на Орбан

Анкетите не се единствениот показател кој не оди во прилог на Орбан. Корисниците на платформата Полимаркет неговите шанси за победа ги проценуваат на помалку од 30 отсто. Директната поддршка на потпретседателот Џеј Ди Венс и Трамповата администрација, судејќи според бројките, засега не помогнала значително.

На Фејсбук, Маѓар го поздравил почетокот на гласањето со порака дека Унгарците денес бираат помеѓу Исток и Запад, помеѓу корупција и транспарентен јавен живот, помеѓу поделби и национален консензус.

„Да го сменеме системот заедно, мирно и да го запишеме денешниот ден во историските книги!”, порачал тој.

Гласачките места се затвораат во 19 часот. Првите прелиминарни резултати се очекуваат вечерта. Ако трката биде тесна конечната слика може да се чека сè до 18 април.

Унгарија гласа. Европа чека.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни