На 14 ноември во КСП Центар-Јадро ќе се одржи промоција на новата збирка раскази „Наназад“ од авторот Стефан Алијевиќ. Книгата ја промовираат Румена Бужаровска и Јана Медиќ, а по промоцијата следува афтер-промо забава во кафе-барот „Љубов“ со DJ Ginger.
Збирката „Наназад“ нуди патување низ авторовото детство, но истовремено го истражува стремежот кон подобра иднина. Како што пишува критичарот Петар Андоновски:
„Кај Алијевиќ ништо не е под тепих, сѐ е на површина и сѐ е видливо. Расказите од „Наназад“ се рибина коска во грлото на општеството.“
Промоторката Румена Бужаровска додава дека делата на Алијевиќ „ни овозможуваат да се нурнеме со сите сетила во неговиот свет, каде суптилно се откриваат сите зла, несовршености и болки на човекот како општествено битие“.
Стефан Алијевиќ (Гевгелија, 1991) е дипломиран на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде студирал Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Неговата прва книга „Вечерен автобус“ (2022) доби во 2023 година регионалната награда „Штефица Цвек“ за најдобра ангажирана феминистичка и квир книжевност.
Нова збирка „Наназад“ го продолжува авторовиот литературен пат и носи свежа перспектива за современото македонско раскажување.