Излезе од печат „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ, книга посветена на Ѓорѓе Балашевиќ

Во оваа нетипична интимна и професионална биографија е застапена колекција од ексклузивни и некои досега необјавени фотографии од Ѓорѓе Балашевиќ.

Во петок на 4 април во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“, ќе биде промовирана долгоочекуваната книга посветена на Ѓорѓе Балашевиќ, „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ. Книгата која неодамна излезе од печат е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во оваа нетипична интимна и професионална биографија е застапена колекција од ексклузивни и некои досега необјавени фотографии од Ѓорѓе Балашевиќ.

Промоторка на македонското издание на книгата ќе биде уредничката Бисера Бендевска. Во продолжение ќе се одржи музички настап со песни од Ѓорѓе Балашевиќ, во изведба на бендот Rumble Acoustic во состав: Трајче Стојанов и Александар Јовановски.


„Панонскиот адмирал“ е книга за кариерата на еден голем поет и за падот на една голема држава. Ова е професионална биографија на Ѓорѓе Балашевиќ и збирка од лични и колективни сеќавања. Балашевиќ беше сјаен хроничар и мудар толкувач на нашето време. Во текот на деведесеттите години на 20 век стана симбол на отпорот кон длабоката балканска провинцијализација и на војната. Се спротивставуваше на силата на глупоста и на глупоста на силата. Сепак, пред сè, ќе го паметиме како поет на интимата и на човековите чувства, како поет на љубовта. Веќе неколку генерации ги носат неговите песни под кожата. Стави потпис на обемна дискографија без слаб албум, што е реткост и во интернационални размери. „Панонскиот адмирал“ е поклонување пред неговата уметност и неговиот цивилизациски ангажман.

Иван Ивачковиќ e познат српски автор, кој пишува за музика речиси четириесет години. Роден е во 1964 година, во Зрењанин, Србија. Актуелен е со музичката биографија на Ѓорѓе Балашевиќ – „Панонскиот адмирал“.

Како новинар и критичар, потпишал повеќе од две илјади написи во најзначајните весници во СФРЈ, СРЈ, СК и Србија. Покрај „Панонскиот адмирал“, има објавено шест нефикциски книги: „Како пропеавме“, „Уметноста на бунтот“, „Писма од тајниот град“, „Помеѓу крајностите“, „Двете страни на перницата“ и „Исповедите на поп-пејачката“. Автор е и на романот „Безверност“ и на стихозбирката „Црвена карта“. За книгата „Како пропеавме“ ја има добиено наградата „Десимир Тошиќ“, највисоката награда за литература во Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни