Деновиве во рамките на престижната едиција „Филозофски дисциплини“ на издавачката куќа „Аз-Буки“ од Скопје излезе од печат книгата од областа на естетиката на нашиот еминентен филозоф, естетичар, есеист, поет и книжевен критичар, проф. д-р Иван Џепароски „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“. Ова монографско издание е изворно дело од областа на естетиката и е резултат на авторовото големо теориско и емпириско искуство и знаење стекнато во повеќедецениска научно-истражувачка и културна дејност во областа на филозофските односно хуманистичките науки, имено на естетиката, односно на филозофијата на уметноста или филозофската естетика.
Како што укажува и проф. д-р Денко Скаловски во својата рецензија кон книгата, „врвниот квалитет на ова дело од областа на естетиката на колегата Џепароски може да се насети веќе и од насловот, имено Историја на естетиката: од Питагора до Хјум, зашто веќе од самиот наслов на познавачите им се укажува дека ова е првата систематска историја на естетиката напишана на македонски јазик која опфаќа едно големо филозофско-историско раздобје: од антиката и почетоците на естетиката во лицето на претставниците на космолошката (Питагора) и антрополошката естетика (Протагора), па преку систематското раздобје на античката естетика (Платон и Аристотел), средновековната и ренесансната естетика, сè до естетиката на XVIII век (Баумгартен и Хјум) и до засновувањето на естетиката како филозофска дисциплина. Ова е особено значајно да се истакне во времево во кое позитивизмот во науката и во филозофијата ги зафати и хуманистичките науки и стори да се „заборават“ должностите за постојано навраќање кон фундаменталните поимно-категоријални и естетичко-историски согледби наследени од античката философија, па преку средновековната и византиската естетика (Августин, Аквински, Псевдо Дионисиј Ареопагит) и ренесансната естетика (Леонардо и Рафаел), потоа пренесени и во естетиката на просветителството (Волтер и Дидро) и во модерната рационалистичка и емпиристичка естетика (Баумгартен и Хјум). Во светски рамки, овие клучни мислители и естетичари и денес се мошне актуелни, зашто без нив е безмалку невозможно да се замисли толкувањето на книжевноста и на поодделните уметности и во минатото, но и денес.
Оваа посветеност кон систематизирањето и заокружувањето на сопствениот естетички светоглед е уште една потврда за неговиот растеж и развој како врвен филозофски теоретичар, естетичар, теоретичар на книжевноста, есеист и поет, што сведочи за неговата исклучителна филозофска креативност, дарба и повеќекратен талент, но и голема ерудиција, трудољубивост и работливост. Како потврда на овие ставови можеме да ја наведеме неговата философска студија Естетика: Естетички категории, издадена во 2020 година од страна на „Аз-Буки“, како и низата стручни прилози објавени во домашната и странската стручна периодика во изминатиот период.
Се разбира, и ова дело на Иван Џепароски, како и цела низа негови претходни филозофски и естетички дела објавени во период од четириесет години, е проследено со релевантна и референтна филозофска и стручна, примарна и секундарна литература од антологиски, светски признати и познати автори, издадени и преведени, како на македонски, така и на неколку светски јазици. Згора на тоа, оваа книга, и според својот стил и според својот пристап, не е упатена само кон познавачите на филозофијата и на естетиката, туку и кон севкупната наша културна и читателска јавност заинтересирана за темелните вредности на естетиката, книжевноста и уметноста“.