Излезе од печат „Целзиус 233: Ракописите, книгите и стриповите во Априлската војна

Александар Стеванов е автор на десетина книги од областа на деветтата уметност. На истата тема тој објавувал и во голем број списанија, како што се „Македонска ризница“, „Стрип креатор“, „Деветка“, „Стрип пресинг“ и „Современост“

Деновиве излезе од печат „Целзиус 233: Ракописите, книгите и стриповите во Априлската војна“, најнова публикација на стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип. Станува збор за истражувачка студија во која е обработено уништувањето на библиотеките и на нивниот ракописен, книжен, весничен и стриповски фонд за време на првите денови на Втората светска војна на југословенско тло – од нападот на Белград на 6 април 1941 година, до капитулацијата на Кралството Југославија само единаесет дена подоцна.

Најголем дел од либрицидот за кој пишува Стеванов се случува во Белград, во Народната библиотека на Србија. Во пожарот што ја зафаќа на 6 април 1941 година, кој претставува најголемо поединечно уништување на книги во цела Европа за време на Втората светска војна, пеплосани се 354 000 наслови на монографски публикации, 1 365 ракописи, 226 рани печатени книги, околу 6 260 броја на списанија и весници, околу 3 770 писма и 1 447 единици картографски материјал. Меѓу нив имало и такви од македонска провениенција, на кои што во својата книга Стеванов става акцент.

 – Пословичниот најдобар пријател на човекот, покрај кучето, е книгата. Но во историјата, за жал, таа врска не секогаш била заснована врз реципроцитет. На временската линија постојат забележани мрачни мигови во кои човекот се покажал како нејзин суштински антипод и најголем непријател, ставајќи ја книгата на клада, горејќи библиотеки, уништувајќи приватни збирки… Ова е тема со чие истражување се позанимавал Александар Стеванов од Штип во својата најнова книга „Целзиус 233“. Зошто токму тој наслов? Затоа што тоа е температурата на која хартијата на книгите се пали и гори, пишува дипломираниот графички дизајнер Вера Опашинов, во рецензијата кон книгата.

Александар Стеванов е автор на десетина книги од областа на деветтата уметност. На истата тема тој објавувал и во голем број списанија, како што се „Македонска ризница“, „Стрип креатор“, „Деветка“, „Стрип пресинг“ и „Современост“. Се јавува и како автор на стрипови, од кои повеќето се објавени во албумите „Aegri somnia“, кои ги работи со Дарко Богданов, како и во два броја на „Стрип алманах“. Објавувањето на неговата најнова книга, „Целзиус 233: Ракописите, книгите и стриповите во Априлската војна“, е поддржано од Министерството за култура во рамките на годишната програма за остварување на националниот интерес во културата

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни