Обилните врнежи од дожд предизвикаа повторно излевање на Сива Река во близина на археолошкиот локалитет Хераклеја во Битола, како и одрон на магистралниот пат Е-65, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од ЦУК соопштија дека за излевањето на Сива Река е информирано Јавното претпријатие „Нискоградба“ – Битола и дека се преземаат соодветни мерки на терен.
Регистриран е и одрон на магистралниот пат Е-65, за што е известено Јавното претпријатие „Македонија пат“.
Во изминатите 24 часа, поради дожд и снег, е забележано покачување на нивото на реките на повеќе места низ државата.
Во Општина Новаци, водостојот на Црна Река достигнува околу 280 сантиметри.
Во Општина Могила засега нема пријавено штети, додека во Крушевско нивото на Црна Река кај селото Бучин е стабилно и нема опасност од излевање.
Во Демир Хисар е зголемен водостојот на Црна Река, но не се регистрирани значителни излевања или штети.
Во Ресен, според ЦУК, врнежите не предизвикале поголеми проблеми, а нивото на Голема Река изнесува 124 сантиметри и засега нема ризик од нејзино излевање.
Надлежните институции остануваат на терен и ја следат состојбата со водостоите, особено во Битолскиот регион, поради најавените дополнителни врнежи.