Од ресорното министерство соопштија дека е донесена Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип на изградба Клуч на рака“.
По истекот на законските рокови, ќе следи потпишување на договорот, а потоа и воведување на изведувачот во работа. Официјалниот почеток на градежните активности се очекува наскоро, додека рокот за завршување на проектот е декември 2027 година.
Проектот ќе се реализира по принципот „Клуч на рака“, што значи дека до крајот на 2027 година Универзална сала ќе биде целосно реконструирана, уредена и подготвена за користење – со современ ентериер, најнова техничка опрема и услови за одржување концерти, културни настани и јавни собири.
Министерството потсети дека по преземањето на објектот од Градот Скопје, особено по пожарот кој ја оштети салата, беа спроведени обемни подготовки и ревизија на проектната документација, со цел да се создаде основен проект што ќе ги задоволува сите современи стандарди.
„Со новиот проект се зачувува споменот и колективната меморија на Универзална сала, но таа добива и нов, повеќенаменски и современ карактер,“ стои во соопштението.
Реконструираната сала ќе има значајна улога и во рамките на манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, каде што ќе биде една од клучните сцени за одржување на музички и културни настани.
Со ова, култниот објект – симбол на повоеното обновување на градот – повторно ќе стане омилено место за концертите, фестивалите и средбите на скопјани, потсетувајќи дека Универзална сала отсекогаш била повеќе од зграда – била дом на културата, музиката и заедништвото.
Top of Form
Bottom of Form