Издавачки центар ТРИ – 25 години посветени на квалитената литература

Издавачкиот центар ТРИ денес го слави значајниот јубилеј – 25 години постоење, време во кое стана препознатлив како дом на високо квалитетни дела, писатели и уреднички стандарди. По тој повод, разговаравме со главниот уредник Бојан Саздов, еден од трите столбови на издавачката куќа, кој ни откри повеќе за патот што ТРИ го изоде, за визијата што ги движи и за уникатната улога на овој издавачки центар во македонската книжевна сцена. „Секој е добредојден на роденденската прослава која започнува денес во 13 часот пред книжарницата ТРИ во ГТЦ, каде што авторите и читателите ќе имаат можност за заедничко дружење, а за најмладите гости ќе се погрижат и омилените Стела и Сани“, вели Бојан со отворена покана до сите кои сакаат да се придружат на роденденската журка.

Трн: Што претставува за тебе бројот ТРИ?

Бојан: Бројот три за мене е целосен број и историски и значењето на бројот и во религијата и во философијата, уште од Аристотел, така што ова ми е пренесено и од Винка, уште кога го отвораше Три, тоа е дека сме ние тројца, но и дека три е совршениот број. После 25 години добива посебно значење за мене.

Трн: Како се чувствуваш кога ќе погледнеш назад на патот што го изоде „Три“ во овие 25 години? Кои моменти најмногу  останаа во сеќавање?

Бојан: 25 години е веќе сериозна должина на постоење за овие наши рамки. Јас сум тука веќе 20 години и приватно и преку работата како најзначајни работи кои засекогаш ќе останат во мене се на пример отворањето на книжарниците, објавувањето на некои  од најзначајните книги кај нас. Отворањето на книжарницата во ГТЦ со Петре М. Андреевски тој момент ќе ми остане секогаш светла точка, исто и претходната книжарница која беше на Рекорд, кога ја прогласи за отворена Петре М. Андреевски и секогаш ќе ми биде и нераздвоен дел од ТРИ и нераздвоен дел од македонската книжевност, како некој кој беше сведок на почеткот на приказната. Дружењето со Михаил Ренџов, кој беше многу често гостин во  нашите канцеларии каде свиреше на окарината и пиеше винце. Во тоа време малку поинаку беа работите, имаше и по нешто боемско и по нешто уметничко, каде преовладуваше уметничкото, за разлика од сега кога се е забрзано. Преку работата имав можност да ги запознаам сите доајени на македонската книжевност: Митко Маџунков, Матеја Матевски…

Трн: Што сметаш дека е „душата“ на „Три“? Кој е клучниот елемент кој ја прави оваа издавачка куќа толку посебна и успешна?

Бојан: Љубовта кон книгите – нашиот слоган тоа убаво го опишува: Љубов на прва страница. Веруваме дека книгите ја имаат моќта да нè променат на подобро, да ни дадат смисла, инспирација, да нè забавуваат и утешат повеќе од кој било друг медиум. Љубовта е едноставна дури и кога книгите имаат комплицирани заплети. Нашата мисија е да ја шириме љубовта кон книгите и успехот е што многумина ја препознаваат и веруваат дека светот би бил многу посиромашен, а секојдневието многу побезлично без книгите покрај нас.

Трн: Какви книги ти како читател со задоволство читаш?

Бојан: Го имам задоволството да работам на книгите што ги сакам. А уживањето ми е најголемо кога ја читам конечната верзија пред печатење – па така, имам купишта листови хартија во канцеларија, но и во секоја соба од домот. Хартии со забелешки што на некој начин и ми го покажуваат начинот на размислување. Ретко ги читам книгите откако ќе се отпечатат поради стресот да не најдам грешки или некои решенија со кои не се согласувам.

Трн: Што мислиш за македонската издавачка сцена?

Бојан: Мислам дека постојано се развива и гледам голем ентузијазам кај колегите, особено оние што се дел од Македонската асоцијација на издавачи. Драго ми е што со повеќето имаме близок контакт и разбирање. Само со соработка можеме да напредуваме и да го развиваме секторот. А проблеми и прашања има многу, но наместо да наоѓаме изговори за нешто што не сме направиле, бираме да направиме што е можно повеќе.

Трн: Што сака да чита публиката кај нас, кои наслови најдобро поминуваат?

Бојан: На мое особено задоволство, секогаш убаво поминуваат локалните приказни. Секогаш задоволството е поголемо кога хитот е нешто што го напишал македонски автор, и тој се чита повеќе од големите странски имиња. Но сè уште нема доволен број автори за сите жанрови и сè уште се читаат повеќе странските трилери отколку нашите, странската публицистика и книгите за личен развој коишто се на врвот на топ-листите.

Трн: На што си најмногу горд?

Бојан: Горд сум што ТРИ во моментов е издавач на Венко Андоновски, Горан Стефановски, Петре М. Андреевски, Румена Бужаровска, Лидија Димковска, Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева – практично најголемите писателски имиња кај нас. И посебно сум горд кога авторот ќе ми каже дека е задоволен од тоа што сме го направиле за него и што (иако сè уште во нашата земја не може да се живее од пишување) авторите конечно добиваат пристојни хонорари од своите книги.

Трн: Ако треба да направиш список на наслови кои го одбележале Три низ годините, кој би бил тој?

Бојан: Ова е тешко прашање, но ќе се обидам да ги наведам книгите што предизвикале необично голем интерес: „Тунел“, „Папокот на светот“, „Македонија е сè што имаме“, „Алхемичарот“, „Калуѓерот што го продаде своето ферари“, „Кодот на Да Винчи“, „Последниот чај“, „Норвешка шума“, „Копилето од Истанбул“, „Се гледаме на врвот“, „Сапиенс“, „Твојот втор живот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден“, „Мојот маж“, „Папокот на светлината“, „Единствен матичен број“. Ова е најкратката верзија што можам да ја составам.

Трн: Колку наслови имате досега издадено? Кој е најпродаван наслов? И она со тиражите? Колку книги имате продадено за 25 години ако се 1200 наслови?

Бојан: За 25 години објавивме над 1500 книги: оригинални, преводни, книжевни и некнижевни, илустрирани – буквално од сите жанрови и наменети за сите читатели. Онолку различни колку што има и карактери со цел секој да може да се пронајде. Бројот на страници е уште поголем, а оној на примероци е во милиони. Бројки кои не се толку скромни за нашата мала средина. 

Трн: Твој топ 5 избор на наслови?

Бојан: Ова е незгодно прашање за издавач  Тешко ми е да ги одвојам пет омилени „на сите времиња“. Вкусот и интересот еволуира низ годините, но секако поминав многу и можам да наведам пет фази: класици (Керуак, Селинџер, Достоевски), современи (Мураками, Уелбек, Ишигуро), наши великани (Петре, Венко, Горан), духовност (Де Мело, Вотс) и во моментов уживам во првиот роман на Румена Бужаровска (кој неодамна го добив) и сè уште сум под импресии од „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска.

Трн: Каков бран донесе подмладокот на ТРИ? Што се промени откако вие го презедовте кормилото?

Бојан: Стратешки на позиционирањето на ТРИ и кои се целите, не се смени суштински многу,останавме на курсот на сериозната добра литература, меѓутоа и на комерцијалната интересна литература која е потребна да останеме за сите автори и читатели тука. Како издавач сме медиум меѓу читателот и авторот и сакаме тоа да го направиме што поубаво организирано. Сега се развива оној дел нашите книги да ги има и во аудио и во дигитална форма. Први почнавме со издавање на наслови  во дигитална форма.

Најголем предизвик беше да ја добиеме довербата од читателите дека нашите преводи се добри, тоа траеше со години, сега веќе имаме сериозна бројка на наши верни читатели кои не се сомневаат во нашите преводи. Затоа и долго време имавме конкуренција од српските издавачи, односно македонската читателска публика читаше на српски, како последица на условно кажано „лоши македонски преводи“, ама го издржавме тој бран и ги убедивме читателите дека и македонските изданија се квалитетни и треба да им дадат нив предност.

Трн: Колку твоите лични стремежи и вредности се вградени во работата на ТРИ?

Бојан: Многу! Како уредник на ТРИ за мене беше голем предизвик, секогаш сум гледал да не го разочарам ТРИ во перспектива на тоа што бил и секогаш сакам да ги држи стандардите прилично високи колку може за нашите услови. Тенденцијата ни е само да растеме во однос на чистиот македонски јазик, да го имаме најдобриот превод, при издавање на авторски книги максимално да бидеме вклучени во тоа да им помогнеме на авторите да се изразат и да ја има целата професионална услуга, и продукциски и во секоја смисла.

Гледам многу подалеку од она што сум го гледал порано! Широката слика и крајната цел сега е многу поинаква. Целта ми е приказната на ТРИ и мојата приказна да биде убава и позитивна, а со тоа да оставам простор утре и младите генерации да ја продолжат оваа приказна и еден ден моите деца да го преземат кормилото.

Трн: Дали има книга или автор кој за вас има посебно значење и ја сметате за пресвртница во историјата на издавачката куќа?

Бојан: Првата книга е секако Папокот на светот што го издигна ТРИ. Тоа е воедно и прва македонска книга од современ автор кој има доживеано најголем успех, има добиено и Балканика, и сите локални награди и филмувана е и оттогаш натаму има наслови, како на пример Кодот на Да Винчи. На неколку години излегува по една таква книга која прави бум и ги привлекува сите! Тоа беше и Калуѓерот кој го продаде своето ферари, тоа беа книгите на Харари, Стиг Ларсон своевремено, Мишел Уелбек кој јас многу го сакам, сега Единствен матичен број, книгите на Румена и новиот роман на Румена кој наскоро излегува од печат.

Трн: Кои се придобивките од читањето и каде го гледаш најголемиот предизвик?

Бојан: Ако се тргнеме од читањето, а тоа многу е лесно во денешно време, да најдеш изговор да не читаш, сметам дека како личности многу ќе изгубиме, се намалува вниманието така, колку можеш да го задржиш фокусот на одредена работа, книгата има моќ да те исклучи од се и приказната да те понесе во друг свет. Иднината на книгата ја гледам во таа борба да се одржи книгата и читањето, иако мислам дека книгата ја има таа моќ и дека таа не може да биде заобиколена и заборавена. Не ми се допаѓаат трендовите кај младите кои читаат и комуницираат само на англиски јазик.  Се плашам дека со напливот на вештачка интелигенција, ќе се изгуби на автентичноста и пазарот ќе се преплави, така што нема да имаш начин да дознаеш дали е напишано од човек или не!

Трн: Што е за тебе добра книга?

Бојан: Добра книга е онаа која ќе го промени во некоја смисла животот на барем еден човек што ќе ја прочита! Книгата да има читатели и на тие читатели да има позитивно влијание и со својата содржина некако да им го смени пристапот, аспектот и светогледот и понатака да продолжи да чита.

Фотограф: Надица Манева Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни