Search
Пожари во Грција

Издадени наредби за евакуација и на островот Крф

Крф стана последниот грчки остров кој издаде наредба за евакуација, откако се повеќе делови од Грција се зафатени од шумски пожари. Фотографиите поставени на социјалните мрежи покажуваат дека пламенот го зафатил Крф. Пожар избувна на северниот дел на островот.

Овие евакуации на Крф следат откако околу 19.000 луѓе беа евакуирани на островот Родос, кој исто така е погоден од пожари. Многумина беа принудени да ги напуштат своите хотели бидејќи пламенот продолжи да се шири од центарот на грчкиот остров.

Грција се бори со голема топлина, со температури кои надминуваат 40 Целзиусови степени низ земјата, а пожарите пламнуваат секој ден цела недела.

Националниот празник што беше планиран за понеделник е откажан „со оглед на вонредните услови што владеат во земјата поради пожарите“, соопшти грчкото претседателство.

Доцна во неделата вечерта грчката служба за итни комуникации објави наредби за евакуација на голем број области на Крф. На луѓето во областите Санта, Мегула, Порта, Палија, Перитија и Синис на островот им е кажано да се евакуираат.

Бродови во областа беа испратени да ги евакуираат жителите по море, изјави владин претставник. Крф – се наоѓа во Јонското море, северозападно од Грција и е дестинација популарна кај туристите, при што стотици илјади Британци ја посетуваат секоја година.

Родос – остров одалечен околу 1.027 километри – се бори со шумските пожари што ги разгореа силните ветрови од вторникот, откако чад почна да ги обвива туристичките области.

Според локалните власти, околу 16.000 луѓе биле евакуирани по копно, а 3.000 по морски пат на островот. Грчкото Министерство за климатски промени и цивилна заштита соопшти дека тоа е „најголемата евакуација од шумски пожар во земјата“.

Илјадници туристи кампуваа на аеродромот на Родос во неделата, чекајќи лет за да излезат. Константија Димоглиду, портпаролка на грчката полиција, изјави за новинската агенција АФП дека досега се евакуирани повеќе од 30.000 луѓе низ целата земја.

Некои туристи рекоа дека пешачеле со километри на жешкото време за да стигнат на безбедно. Покрај патиштата, каде што стојат изгорени автомобили може да се забележат и мртви животни.

Туристичките агенции започнаа да ги откажуваат планираните тури и летови за грчките острови, откако најмалку три хотели се уништени во густата шумска област Киотари на истокот од островот.

Заменик-градоначалникот на Родос, Атанасиос Виринис рече дека некои луѓе спиеле во картонски кутии преку ноќ и предупреди дека нема доволно основни работи.

Грчката противпожарна служба предупреди дека ситуацијата може да се влоши бидејќи на други села им е потребна евакуација и дека битката за задржување на пламените јазици може да трае неколку дена. 260 пожарникари, поддржани од 18 авиони, се бореа со пожарот во неделата.

Службите за итни случаи се справуваат и со пожарите на островот Евија, источно од Атина и Аигио, југозападно од Атина. Домовите веќе се изгубени поради шумските пожари на Родос и други области.

Климатските промени го зголемуваат ризикот од топлото и суво време кое веројатно ќе ги поттикне шумските пожари. Светот веќе се загреа за околу 1,1 Целзиусови степени од почетокот на индустриската ера и температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не направат големи намалувања на емисиите на јаглерод.

Шпанија и Италија се меѓу медитеранските земји кои исто така доживеаја интензивни горештини оваа недела, додека делови од САД исто така забележаа соборени рекорди.

Извор: BBC

Најново

Последни колумни