Новиот роман-басма на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот ќе биде промовиран на 2 април (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на отворањето на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“.
„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот. Уште една референца и посвета на Славко Јаневски е дизајнот на корицата на книгата, каде што е употребен детаљ од неговата слика „Бош“. Дизајнот на корицата го направи Марко Трпески.
„Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат животи коишто ги живеат во моментот поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.
Поднасловот роман-басма во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклористички обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла, како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај.
„Се движев меѓу редовите неприсилено, водена со некоја магија, со цврста, а левтерна рака. Некои парчиња начисто ме одушевија со суптилниот опис на душевната состојба“ – напиша Оливера Николова за романот „Три Марии“.
Промоторка на книгата ќе биде Илина Јакимовска, а извадоци ќе читаат актерките Катерина Коцевска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Симона Димковска.
Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Автор е на следните книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија); „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница); „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика); „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни); „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).
Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик. Таа е повеќекратен добитник на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.