На 7 април 2026 година, со почеток во 19 часот, во просторот FRANZ, поранешен Клуб на новинари, Тиииит! Инк. ќе ја промовира книгата „Избришаното уживање: Клиторисот и мислата“ од француската филозофка и феминистичка теоретичарка Катрин Малабу.
Изданието е дел од едицијата Vagina Dentata и се најавува како едно од значајните современи дела што низ филозофија, политика и културна теорија ги отвора темите за телото, сексуалноста и женското уживање. Од Тиииит! Инк. посочуваат дека книгата има особено место во рамки на оваа едиција, бидејќи директно влијаела врз нејзиното концептуално обликување и насока.
Во „Избришаното уживање“, Малабу се навраќа на долгото историско бришење на клиторисот од анатомијата, уметноста и мислата, укажувајќи дека органот чија функција е поврзана со задоволството и уживањето со векови бил оттурнуван од видливоста и знаењето. Иако денес темата сè повеќе е присутна во книги, конференции и уметнички практики, книгата потсетува дека траумите и нееднаквостите остануваат, особено во контекст на половите осакатувања и ускратувањето на уживањето за милиони жени.
Промоцијата ќе се одржи во форма на разговор меѓу уметницата Христина Иваноска, авторка на визуелниот идентитет на изданието, квир теоретичарот Славчо Димитров и уредничката Мања Величковска. Модераторка на разговорот ќе биде Јана Коцевска, уредничка на едицијата Vagina Dentata.
Преводот од француски јазик го направи Дарко Леитнер-Стојанов, лектурата е на Виолета Танчева-Златева, а дизајнот и техничкото уредување ги потпишува Марија Смилевска.
Со ова издание, Тиииит! Инк. продолжува да отвора простор за феминистичка теорија и литература што критички ги преиспитуваат телото, сексуалноста и женското искуство, внесувајќи нови перспективи во локалниот културен и теоретски контекст.