Избрани тројца финалисти за наградата Денес 2025

Групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 2 декември 2025 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ДЕНЕС

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка соМрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по деветнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата ДЕНЕС за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

Наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited, вклучува и други новини и резиденции. ДЕНЕС исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Отворениот повик траеше од 17 април до 31 мај, 2025 година и се пријавија дваесетина кандидати.

Жири комисијата во состав: Хитоми Ивасаки, директорка на Одделот за изложби и главна кураторка во Квинс музејот, Њујорк; Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност, уметничка директорка на галеријата acb во Будимпешта, со-основачка на Easttopics; Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник од Северна Македонија кој живее и студира во Хаг, Холандија, добитник на наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник (2023) во Северна Македонија, одлучи дека тројцата финалисти се: Наташа Неделкова, Крсто Глигорјадис и Мила Добревска.

По овој процес на избирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 2 декември 2025 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ДЕНЕС, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот февруари – март 2026 година, како и наградите за останатите двајца финалисти.

Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Марко Гутиќ Мижимаков. Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија), Славица Јанешлиева.

КРАТКО ОБЈАСНУВАЊЕ ОД ЖИРИТО ЗА СЕЛЕКЦИЈАТА:

Работејќи во широк спектар на медиуми, од колективно реализирани инсталации и (предавања) перформанси до партиципативни  аудиовизуелни дела, уметничката и истражувачка Наташа Неделкова ги истражува темите на ментални нарушувања, лажни вести, исцрпеност од труд во времињата на капитализмот, родова нееднаквост и, паралелно со нив, начини за отпор, контра-акција, смирување и редефинирање на постоечките структури, норми, однесувања и навики кои го еродираат нашето секојдневие. Нејзиниот социјално свесен, политички и економски критички пристап е концептуален разгранок кој делува како чувствително и комплексно огледало на нашата сегашна фрагментирана човечка состојба.

Перформативната пракса на Крсто Глигорјадис ги спојува ритуалот, митот и критиката на родот во патријархалниот контекст на Балканот. Работејќи преку различни дисциплини и црпејќи од своето образование во правото, педагогијата и визуелните уметности, тој го користи телото како простор на ранливост, отпор и трансформација. Неговите дела — длабоко лични, а сепак со политички набој, го деконструираат машкото преку симболични гестови, терапевтски ритуали и колективно учество. Глигоријадис ја поканува публиката во простори на исцелување и интроспекција, каде срамот станува сила, а наследените норми се преосмислуваат преку грижа, емпатија и отелотворен дијалог.

Скулптуралните дела на Мила Добревска го исполнуваат пресекот меѓу репрезентативното и апстрактното, дводимензионалноста и тридимензионалноста, визуелното и физичкото.

Вклучувајќи разновидни тактилни материјали во скулптури во човечка големина, нејзините дела даваат форма на емоции и идеи кои инаку се визуелно неуловливи — темперамент, чувствителност и его — додека ,,Македонска жена” е составена од високо апстрактни форми што се суспендирани во воздухот. Игрива и динамична, праксата на Добревска нуди енергична арена за облик, боја и супстанца за да го ,,претстави” начинoт  на кој човештвото напредува.

БИОГРАФИИ НА ФИНАЛИСТИТЕ

Уметничката пракса на Наташа Неделкова (1993) опфаќа видео, инсталации, пишување и перформанси, преку кои ја истражува дигиталната привлечност на капиталистичкиот реализам и неговите материјализации во дигиталната култура. Користејќи алтернативни наративни алатки и монтажа, се стреми да ги разбере и преконфигурира општествените и политичките трансформации што ги обликуваат современите медиумски пејзажи. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а магистрирала филмски студии на École Normale Supérieure de Lyon. Во 2020 година го завршила програмот за уметничко истражување на EUR ArTeC во Париз, а моментално е докторандка на Универзитетот Париз 8. Нејзини дела се изложувани во бројни галерии, современи уметнички изложби и настани, меѓу кои: Европското номадско биенале Манифеста 14 во Приштина (2022), 13. Меѓународно биенале на млади уметници во МСУ Скопје (2021), галеријата ГМК Миослав Краљевиќ во Загреб (2020), Зета современиот уметнички центар во Тирана (2020), Video Art Garden во Темишвар (2023), Improper Walls во Виена (2024), и галеријата Структура во Софија (2023), меѓу многу други.

Мила Добревска (1999) дипломирала на одделот Визуелни уметности и мозаик во 2021 година на Академијата за ликовни уметности во Равена, а во 2024 година ја завршува и магистратурата на истата институција. Во 2022 година ја одржува својата прва самостојна изложба „Во кревет“ во галеријата МКЦ во Скопје, а досега самостојно се претставила и со изложбата „POP UP“, курирана од Јана Гарванлиева во рамки на галеријата Pioneri Art Platform во Барселона, како и изложбата „Не можеш да ме затвориш во кутија“ во галеријата Стане Крегар, курирана од Бернарда Стеновец и Матеј Метликовиќ, како и изложбата „ESCAPISM: Меморија и Идентитет“ во Мала Станица. Изложби на кои учествувала до сега се: 7. Биенале на современ мозаик во Равена, во Националната награда за уметности (Premio Nazionale delle Arti) во Лече, Италија, Зимскиот салон организиран од ДЛУМ во Чифте амам, Скопје, резиденцијата TRAUMEROPEE со изложба во Музејот на град Скопје, мултимедијалниот фестивал KomshiLOOK. Најново, во 2025 година, Добревска учествува на резиденцијата Ново Местански уметнички денови во Јанчев Дом, Словенија, организирана од Долношкиот музеј, фокусирана на уметноста на стаклото. Добревска е член на ДЛУМ на Македонија и на здружението за современ мозаик МАРТЕ Равена.

Крсто Глигорјадис (1996) е мултидисциплинарен визуелен уметник и перформер чија работа ги спојува ритуалот, митот и современите прашања за машкоста, одговарајќи на шовинистичкиот контекст во кој живее и создава. Првично е образован во правото и педагогијата, а подоцна комплетиран во графичкиот дизајн и визуелните уметности, Неговото разновидно образование ја обликува неговата интердисциплинарна уметничка практика, каде уметноста станува мост меѓу родовите права, општествената критика и личната трансформација. Клучни дела како „Панталоните“, „Вештини за оживување“ и „Здолништето на мојот татко“ ја истражуваат машкостa, општествените очекувања и борбата за идентитет. „Здолништето на мојот татко“ — инспирирано од квир искуства, семејни трауми и движења од неговите предци — ја добива наградата QUEER MAKEDONIUM во 2025 година, единствената меѓународна награда за квир уметност во регионот, доделена во рамките на проектот Пристап до правда и човекови права. Истото дело беше селектирано за Белградското биенале 2025, каде ќе биде претставено во септември. Во 2025 година, Крсто е номиниран за „Piece Champions“ од страна на локалната контакт-точка на проектот Западнобалканска младинска култура, имплементиран од RYCO и финансиран од Германското Сојузно Министерство за надворешни работи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни