Избрани се ТОП 20 полуфиналисти: „Средношколец Милионер“ влегува во највозбудливата фаза

По десетици илјади гласови, стотици идеи и недели работа – одбрани се тимовите што продолжуваат чекор поблиску до наградата од 1.000.000 денари

По повеќенеделна работа, гласање и стотици исфилтрирани идеи, вчеравечер официјално беа избрани 20-те најдобри средношколски тимови кои продолжуваат во полуфиналето на „Средношколец Милионер“, најголемиот натпревар досега за средношколци во Македонија. Од повеќе од 50 амбициозни проекти, по десетици илјади гласови од публиката, овие дваесет тима го направија големиот чекор кон наградата од 1.000.000 денари.

Во претходната фаза, 53-те избрани тимови покажаа впечатлива претприемачка зрелост: заедно собраа над 34.000 гласови, креирајќи сопствени кампањи, видеопромоции, инфлуенсерски соработки и медиумски настапи. Тоа беше нивниот прв реален „пазарен тест“ – проверка на тоа како нивната идеја комуницира со јавноста и колку успева да добие автентична поддршка.

Полуфинале: 90 секунди што го менуваат натпреварот

Со изборот на ТОП 20, натпреварот влегува во клучната фаза. Полуфиналистите ќе треба да ја преточат својата визија во pitch од само 90 секунди, кој ќе го претстават пред Петар Ниновски, основач на Brainster групацијата, која стои зад Brainster Next College, NU High School Academy и Ai@Work.

Најдобрите ќе продолжат во големото финале пред пет инвеститори, кои ќе ги оценуваат нивните идеи со истата сериозност со која ги оценуваат реалните стартапи.

Менторски сесии од 24 ноември

Полуфиналните тимови добиваат пристап до серија од четири онлајн менторски предавања со врвни експерти од Brainster групацијата. Програмата ќе ги води низ: развој на бренд, логика на раст и скалабилност, креирање комуникација што продава и подготовка за кратко и убедливо pitch-излагање.

Овие сесии се дизајнирани да им понудат реално знаење и применливи алатки, кои можат да ги користат и надвор од рамката на натпреварот.

Особено значајно е што сите 53 тима од претходната фаза имаат можност да ги следат менторските сесии. Иако не продолжуваат во полуфиналето, тие остануваат дел од еден екосистем кој ги поддржува младите да создаваат, да растат и да се развиваат.

„Средношколец Милионер“ не е само натпревар — тоа е платформа што гради генерација на идни претприемачи, иноватори и лидери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни