Основците Ана Урумова, Стефан Тодороски, Љубица и Константина Андонови, Софија Петрушева и Роза Ѓошиќ и Ана Алексова се финалистите за наградата „Колега Стиков“, објави порталот „Наука за деца“ која е дел од фондацијата „Кантарот“.
Наградата е востановена летово во чест на доајенот на македонското спортско новинарство, Александар Стиков.
На конкурсот пристигнале многу апликации. Победникот ќе биде прогласен на 3. Конференција „Наука за деца“ што ќе се одржи на 18 и 19 октомври во Скопје.Под мотото „Добриот глас надалеку се слуша“ во име на славниот глас на Стиков, со наградата ќе се закити најдобриот млад презентер на научна содржина.
На повикот учествуваа сите ученици од основните училишта во Македонија. Тие требаше да снимаат видео долго најмногу 5 минути: 1) свој текст со научна содржина; 2) научен концепт; 3) научен експеримент; 4) приказна за својот омилен научник; 5) осврт за книга со научна или научно-фантастична содржина; 6) репортажа од научен настан; 7) оригинална замисла за презентација поврзана со наука.
Александар Стиков (1947-2023) е доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2.000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.
Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, а пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.