Трамп и Харис се сретнаа за прв пат како кандидати на ТВ дебатата во Пенсилванија во вторникот вечерта, каде што според медиумите, победник во дебатата била Харис.
Но, што покажуваат анкетите? Ќе треба да почекаме неколку дена додека поголемите анкети на национално и на државно ниво не рефлектираат какви било промени, но Би-Би-Си објави некои податоци.
Истражувањето на YouGov на повеќе од 2.000 регистрирани гласачи кои гледале барем дел од дебатата покажа дека 54% сметаат дека Харис победила, додека 31% сметаат дека Трамп бил подобар.
Во анкетата на CNN/SSRS на 600 регистрирани гласачи кои ја следеле дебатата, 63% рекле дека Харис подобро се покажале додека 37% биле за Трамп. Пред дебатата, истите гласачи биле рамномерно поделени за тоа кој според нив ќе се претстави најдобро.
Тоа, сепак, не мора да значи дека овие луѓе ќе гласаат за тој што сметаат дека бил подобар на дебатата – само 4% рекле дека дебатата го променила мислењето за кого би можеле да гласаат. Така што ќе треба да почекаме и да видиме колкав ефект има тоа врз бројките за гласање во наредните денови.
Во месеците пред одлуката на Џо Бајден да се откаже од трката, анкетите постојано покажуваа дека тој заостанува зад поранешниот претседател Трамп. Иако во тоа време хипотетички, неколку анкети сугерираа дека Харис нема да помине многу подобро.
Но, трката се вжешти откако таа стана кандидатот на Демократската партија и оттогаш Харис бележи благо водство на нациионалните анкети. Анкетите поддржуваат дека Харис ќе добие 47 отсто од гласовите, додека Доналд Трамп 44.
Харис стигна до поддршката од 47 отсто за време на четиридневната конвенција, кога таа и официјално стана кандидатка на Демократите и ја претстави нејзината платформа. Просекот на Трамп исто така остана околу 44 отсто од тогаш и не беше забележано подобрување по откажувањето на Роберт Ф Кенеди од трката и неговата поддршка за Трамп.
Иако овие национални анкети се корисен водич за тоа колку е популарен кандидатот низ целата земја како целина, тие не се нужно точен начин да се предвиди резултатот од изборите.
Тоа е затоа што САД користат изборен колеџ систем за да го изберат својот претседател, така што освојувањето најмногу гласови може да биде помалку важно од местото каде што се освоени.
Има 50 сојузни држави во САД, но бидејќи повеќето од нив речиси секогаш гласаат за иста партија, во реалноста има само мал број во кои и двајцата кандидати имаат шанса да победат. Тоа се местата каде што изборите ќе бидат победени и изгубени и се познати како држави на пресметка.
Во моментов, анкетите се многу тесни во седумте држави каде што двајцата кандидати се пресметуваат, поради што навистина не може да се каже кој води во трката. Има помалку државни анкети отколку национални анкети, така што имаме помалку податоци за работа и секоја анкета има маргина на грешка што значи дека бројките би можеле да бидат повисоки или помали.
Како што е сега, неодамнешните анкети покажуваат дека има помалку од еден процентен поен што ги дели двајцата кандидати во неколку држави. Тоа ја вклучува и Пенсилванија, која е клучна бидејќи има најголем број понудени изборни гласови и затоа му олеснува на победникот да ги достигне потребните 270 гласови.
Пенсилванија, Мичиген и Висконсин беа демократски упоришта пред Трамп да ги обои црвено во 2016 година. Бајден ги врати во 2020 година и ако Харис може да го стори истото оваа година, тогаш таа ќе биде на пат да победи на изборите.
На денот кога Бајден се повлече од трката, во просек тој заостануваше зад Трамп со пет процентни поени во овие седум држави. Во моментов, Харис води во пет, а заостанува во само две. Сепак, бројките таму се премногу блиски за да може да се предвидува, бидејќи во Невада, Северна Каролина и Пенсилванија предноста на Харис е под еден процентен поен, колку што е и предноста на Трамп во Џорџија и Аризона. Само во Мичиген и Висконсин, Харис има предност од два, односно три процентни поени.
Во моментов, анкетите сугерираат дека Камала Харис и Доналд Трамп се на неколку процентни поени еден од друг и на национално и во државите каде што ќе се одлучува – и кога трката е толку блиска, многу е тешко да се предвидат победниците.
Анкетите ја потцениле поддршката за Трамп и во 2016 и во 2020 година. Анкетните компании ќе се обидат да го решат тој проблем на повеќе начини, вклучително и како нивните резултати да го одразуваат составот на гласачкото население.
Тешко е да се постигнат тие прилагодувања, а анкетарите сè уште треба да прават образовани претпоставки за други фактори, како на пример кој всушност ќе се појави да гласа на 5 ноември.
Извор: Би-Би-Си