Две години по неговото драматично доаѓање на власт, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј се соочува со најголемиот политички испит – парламентарните избори што би можеле да ја одредат судбината на неговата реформа.
Од „моторна тестера“ до разочарани гласачи
Кога ексцентричниот економист и самопрогласен анархокапиталист Хавиер Милеј беше избран за претседател во 2023 година, многумина веруваа дека неговата „шок терапија“ ќе ја спаси Аргентина од хроничната економска криза. Негов симбол стана моторната тестера – метафора за сечење на сè што е „непотребно“ во јавниот сектор.
Но, денес, многу од оние кои му дадоа доверба чувствуваат длабоко разочарување.
„Бев убедена дека можеме да направиме вистинска промена. Но, сè тргна во погрешен правец,“ изјави Марсела Пагано, пратеничка која неодамна ја напуштила владејачката партија La Libertad Avanza. Таа тврди дека владата ги занемарила средната класа и ранливите групи – пензионери, лица со попреченост и сиромашни семејства.
„Корупцијата не само што не е искоренета, туку осомничените често се заштитени. А конструктивната критика се казнува,“ додава таа.
Економски успех на хартија, сиромаштија во реалноста
Аргентина, држава со 46 милиони жители и над 278 милијарди долари надворешен долг, конечно постигна прв буџетски суфицит по 14 години. Но, цената за тоа е висока: десетици илјади отпуштени државни службеници, драстично намалени субвенции за енергија, лекови и јавен превоз, пад на куповната моќ за околу 20% и пропаѓање на мали и средни бизниси (над 25.000 фирми затворени).
Иако инфлацијата во септември 2025 падна на рекордно ниски 2,1% месечно – што е „чудо“ по мерките на Милеј – секојдневниот живот станал потежок.
Експертите предупредуваат дека Аргентина влегла во техничка рецесија: производството и трговијата се во застој, невработеноста расте, а трошоците за живот се приближиле до оние во Европа и САД.
Политичкиот терен: перонистите се враќаат
На изборите закажани за 26 октомври, Аргентинците ќе гласаат за половина од пратениците во Долниот дом и третина од Сенатот. Според анкетите, трката меѓу La Libertad Avanza на Милеј и обновените перонисти од Fuerza Patria е речиси израмнета.
По победата на локалните избори во покраината Буенос Ајрес, перонистите добија нов политички замав. Популарноста на Милеј, според најновите анкети, паднала на околу 40%, а ентузијазмот на младите – некогаш неговите најжестоки поддржувачи – значително опаднал.
Политичкиот аналитичар Серхио Беренштајн за Deutsche Welle вели:
„Претседателските избори во 2023 ги одлучија младите. Денес, иако дел од нив сè уште го поддржуваат, неговата харизма повеќе не е доволна. Ако не промени тон, ќе го изгуби и последниот капитал на доверба.“
Корупциски афери во најтесниот круг
На непопуларноста се надоврзуваат и скандали во самиот врв на власта. Најмоќната жена во владата – сестрата на претседателот, Карина Милеј, генерална секретарка на партијата – е обвинета дека примала провизии при доделување на државни тендери. Иако ги негира тврдењата, скандалот доби огромно медиумско внимание.
Дополнителен удар беше и аферата со пратеникот Хосе Луис Есперт, кој наводно имал врски со нарко-картели.
Помош од Трамп – со услов
Соочен со пад на довербата и внатрешна нестабилност, Милеј побара поддршка од својот идеолошки сојузник – претседателот на САД, Доналд Трамп. Вашингтон, наводно, подготвува финансиски пакет од 20 милијарди долари за стабилизација на аргентинскиот пазар, но со јасен политички услов:
„Ако победи – остануваме со него. Ако изгуби – си одиме,“ порача Трамп.
Судбински избор
Овие избори нема да ја сменат владата, но ќе покажат дали Аргентинците му веруваат на човекот што ветуваше „слобода и пазарна револуција“.
„Исходот сам по себе не е пресуден – важно е како ќе реагира владата,“ смета Беренштајн. „Милеј мора да научи да гради мостови и да го напушти конфронтативниот стил. Без тоа, Аргентина ризикува да западне во уште подлабока поделба.“
Извор DW
