Виктор Орбан, унгарски премиер од 2010 година, се наоѓа пред најголемиот политички тест во својата кариера. Опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, го води со 49 наспроти 37 проценти за владејачкиот Фидес. Изборите се на 12 април, а Европа внимателно гледа.
Тиса пред Фидес
Разликата во анкетите е значајна, но изборниот систем во Унгарија го отежнува директниот превод на поддршката во парламентарна победа. Фидес со децении гради систем кој му оди во прилог, а Орбан добро знае како да ги искористи институциите кои ги контролира.
Кој е Петер Маѓар?
Маѓар е поранешниот сопруг на поранешната министерка за правда во владата на Фидес, Јудит Варга. До пред неколку години беше дел од структурите на партијата на Орбан, на високи нивоа. Потоа се одметна и влезе во директен судир со премиерот, обвинувајќи го за корупција и за политичка изолација на Унгарија во Европа.
На изборите за Европски парламент во јуни 2024 година, неговата партија Тиса освои околу 30 проценти од гласовите, надминувајќи ги сите традиционални опозициски сили. Оттогаш, Маѓар е главниот противник на Орбан, а европскиот печат го нарекува „брисешкиот човек” поради неговиот јасен прозападен правец.
Економија, ЕУ и геополитика
Орбан не се соочува само со политичкиот притисок на опозицијата. Агенцијата Standard & Poor’s го намали кредитниот рејтинг на Унгарија од стабилен на негативен, поради зголемените ризици за фискалната политика, намалениот прилив на средства од ЕУ и високите трошоци за отплата на долгот. Прогнозираниот раст за оваа година изнесува само 1,5 проценти, што би го направило најслабиот тригодишен период пред избори за целото 15-годишно владеење на Орбан.
Паралелно, Орбан ги претстави изборите на 12 април како одлука „за војна или мир”, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во конфликтот во Украина. Аналитичарите веруваат дека тој свесно ја префрла дебатата кон надворешната политика за да ја избегне одговорноста за состојбата на домашната економија.
Што следи?
Иако анкетите му даваат предност на Маѓар, шансите на Орбан не смеат да се потценуваат. Влада која ги научила сите модалитети на авторитарно владеење, особено преку контролата на медиумската сцена и државните структури, знае kako да го извлече и последниот глас.
Доколку Маѓар победи, ветува дека ќе ги поправи односите на Унгарија со нејзините сојузници и дека ќе деблокира замрзнатите милијарди евра од ЕУ. Тоа би значело радикален геополитички заокрет за земјата.