Избегната владина криза во Германија: пензиската реформа помина во Бундестагот

Со силен политички притисок врз критичарите во сопствените редови, германската влада успеа да спречи сериозна политичка криза и да го протурка новиот пакет пензиски реформи. Законот, предложен од министерката за труд Бербел Бас (СПД), беше усвоен во Бундестагот со 319 гласа „за“, 225 „против“ и 53 воздржани.
epa12020768 Chairman of the Christian Democratic Union (CDU) party and faction Friedrich Merz attends a press conference to present the joint coalition agreement in the German Bundestag, in Berlin, Germany, 09 April 2025. The CDU, the Christian Social Union (CSU) and the Social Democratic Party (SPD) have successfully concluded coalition negotiations. EPA-EFE/CHRISTOPH SOEDER

Одлучувачки момент беше воздржаноста на опозициската Левица, која со тоа овозможи мнозинството да се пресмета само врз основа на гласовите „за“ и „против“, што ја спаси владината коалиција предводена од демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите.

Тензии во редовите на владејачката коалиција

Деновиве прашањето околу поддршката за пензискиот пакет беше централна политичка тема во Берлин. Канцеларот и лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, се соочи со отпор од околу 18 млади пратеници од ЦДУ и ЦСУ кои јавно изразија дека нема да гласаат за компромисот со СПД. Со оглед на тоа дека владата има тесно мнозинство од 12 гласа, нивната поддршка беше клучна, сè до моментот кога Левица најави воздржаност.

За да ги придобие противниците, Мерц понуди формирање пениска комисија што до средината на 2026 година би изработила нови предлози за темелна реформа: продолжување на работниот век, засилување на приватната пензиска штедна компонента и стабилизирање на фондот.

Сепак, довербата меѓу дел од младите пратеници очигледно е нарушена, особено по ставот на СПД дека не прифаќа промени во пакетот. Шефот на пратеничката група ЦДУ/ЦСУ, Јенс Шпан, вршел силен притисок врз колегите да не ја урнат владата, иако тој негира дека се заканувал со политички последици.

Структурни проблеми на пензискиот систем

Германскиот пензиски систем веќе со години е под притисок: населението старее, а бројот на вработени што уплаќаат придонеси не расте доволно брзо. Иако старосната граница за пензија веќе беше зголемена на 67 години, фондот и понатаму се потпира на огромни државни дотации. Во буџетот за следната година, околу 128 милијарди евра се издвојуваат како трансфер за пензискиот систем, речиси една четвртина од целиот буџет.

За СПД, стабилните пензии се прашање од највисок приоритет. Во коалицискиот договор тие изборија гаранција дека до 2031 година просечната пензија по 45 години стаж ќе остане на ниво од најмалку 48% од просечната плата, што е едно од клучните ветувања на партијата.

Тензични односи меѓу Мерц и „Младата унија“

Младите демохристијанци, обединети во „Млада Унија“, јавно соопштија дека во оваа форма не го поддржуваат пакетот, што пред две недели доведе до тензичен состанок со канцеларот Мерц. Тој со повишен тон побара да учествуваат „конструктивно и активно“, но собата одговорила со тишина, јасен показател за длабокото незадоволство.

Дополнителни тензии создадоа и новите буџетски задолжувања за вооружување на Бундесверот и инвестиции во инфраструктура, што многумина ги гледаат како отстапување од предизборното ветување на Мерц дека ќе го заузда задолжувањето.

За привремено смирување на политичките случувања

Иако изгласаната реформа ја спречи најавуваната владина криза, конфликтите околу пензиската политика и буџетските приоритети покажуваат дека коалицијата ќе се соочува со сериозни предизвици во наредните три и пол години. Дури и со воздржаната поддршка од Левица овојпат, останува отворено прашањето дали во иднина ќе може да се потпира на надворешна помош за обезбедување стабилно мнозинство.

Извор: DW

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни