Трн: Ако Скопје е музеј, ти си… кустос, туристички водич или уличен пират на културата?
Изабела: Ако Скопје е музеј, тогаш јас нека сум комбинација од кустос, туристички водич и уличен пират на културата. Ги организирам идеите како кустос што знае каде припаѓа секоја приказна. Говорам со ентузијазам како туристички водич што го раскажува градот низ чувства. А од уличниот пират го имам немирот и ентузијазмот затоа што секогаш сум во потрага по нешто ново, автентично и недокументирано.
Трн: Кое скопско уметничко дело ти е како прва љубов – никогаш не го забораваш?
Изабела: За мене тоа е скулптурата од Иван Мирковиќ, „Ослободителите на Скопје”, сместена пред Владата. Кога бев мала, баба ми Љубица и дедо ми Пане кои живееа во близината на истата, ме носеа често во паркот и секогаш застанувавме да ја гледаме, кружевме околу неа. Тие ми ја раскажуваа приказната позади неа ама никогаш нема да заборавам дека преку истата скулптура и двајцата ме научија како да анализирам уметничко дело. Ме прашуваа што гледам и како ми прави да се чувствувам.

Тоа е првата скулптура на која видов жена во одлучен став со пушка во раце облечена во долг фустан. (Таква скулптура има во споменичната композиција) Се сеќавам до ден денес како баба ми Љубица и дедо ми Пане ми објаснуваа дека жените можат да станат сè и дека секоја жена е храбра и борбена. Тој став со кој сум растена многу ме обликуваше во животот. Често размислувам за тоа и многу сум благодарна за тоа искуство. На тој споменик дополнително се претставени некои од најважните вредности со кои сум растена.
Трн: Дали си имала „Indiana Jones“ момент додека бараше информации за некое дело?
Изабела: Апсолутно, мислам дека за секое дело имав „Indiana Jones“ момент! Во потрага сум по скриени детали, заборавени контексти и симболики што не се гледаат на прв поглед. За кратко време успеав да ги мапирам сите дела што ги обработував- буквално за помалку од една недела. Истражувањето го доживувам како авантура: од старите архиви до урбаните легенди, секој извор ми е трага, а секое дело – предизвик што со задоволство го дешифрирам.

Трн: Кој е најчудниот коментар што си го добила кога некој видел дека скенира QR код покрај скулптура?
Изабела: „Јас мислев ова е цвеќе, немав поима дека е бомба” една моја пријателка за споменикот познат како Бомба сместен позади Младински Културен Центар. По тој коментар и мене на моменти ми заличува на голем, бетонски, необичен цвет.

Трн: Ако утре го дигитализираме целиот град, каде би го ставила првиот „ENTER“?
Изабела: Би го ставила првиот „ENTER“ на Скопскиот аквадукт затоа што тој отсекогаш бил мост за нешто животворно – порано вода, а сега би бил податоци. Со него, минатото и иднината се спојуваат во еден проток, како дигитална река што ја оживува душата на градот. Преку овој древен портал би го поканила Скопје да влезе во својата нова, дигитална ера. Првиот чекор во дигитално Скопје низ исти камења што носеле живот со векови.

Трн: Што е поголем предизвик – да ја откриеш приказната зад едно дело или да ја натераш јавноста да ја прочита?
Изабела: Мислам дека поголем предизвик ми е да ја откријам приказната за некое дело. Тоа е процес кој одзема најмногу време, меѓутоа уживам во истиот. Тој процес не завршува со тоа што ќе дознаам кој го создал и во која година, туку со истражување на ликот и делото на авторот ама и со истражување на светските и домашните случувања во тој период. Сметам дека тоа е многу важно и често ни недостасувало во образовниот процес. На пример – кои музички правци биле популарни кога се создавало тоа дело, какви идеологии биле популарни, што важно се случило во тој период на уметничката сцена во светот… сето тоа допринесува да се поврземе со делото на поавтентичен начин и да ја разбереме неговата вредност. Јавноста ми е лесно да ја натерам да го прочита тоа, мислам дека не ја ни терам, само информациите кои ги имам, ги споделувам на социјални медиуми и се трудам да се забавни, автентични и разбирливи. Има многу луѓе како мене кои тоа многу ги интересира, по одзивот кој го собивам на објавите. Реакциите покажуваат дека постои голема жед за ваков пристап. Највозбудлив дел ми се разговорите што се отвораат потоа – често добивам лични сведоштва, семејни фотографии и досега непознати информации од семејствата на авторите на делата, за што сум неизмерно благодарна. Така секое дело добива уште подобар контекст.

Трн: Кој ти е поривот зад сето ова што го правиш и те молам раскажи ја приказната накусо за себе, правник во ајти фирма која во слободно време се занимава со уметност, мислам дека така беше?
Изабела: По образование сум магистер по деловно право, со 8 годишно искуство во маркетинг работејќи на кампањи за најпознатите брендови во светот, а веќе неколку години работам како менаџер за процеси во IT компанија. Мојата сегашна работна позиција подразбира соработка со вистински професионалци во својата област, на коишто секојдневно се трудам да им го олеснам процесот на работа креирајќи можности и компаниски процеси за нивно поефикасно работење со помалку пречки. Токму на овој професионален порив за придонес кон подобрување, се надоврзува и личниот со кој сакам да им го подобрам секојдневното искуство и на моите сограѓани. Мило ми е што работам во компанија која што вистински поддржува баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, што ми овозможува да се посветам на ваков вид лична волонтерска работа во моето слободно време.
Мојата фамилија, бабите и дедовците, мајка ми и татко ми се погрижија за време на моето растење уметноста секогаш да биде дел од мене како потреба, начин на размислување и гледање на светот. Токму преку неа ја негувам креативноста, емпатијата и чувството за смисла. Не се сметам за активист, туку за некој што сака да ја направи уметноста поразбирлива, поблиска и повидлива особено за оние што мислат дека таа не е „за нив“.
Она што го правам го работам со поддршка од моето семејство и семејната фондација „д-р Михаил Левенски“. Тоа е најличниот дел од целиот процес – бидејќи идејата не расте сама, туку во круг на луѓе кои ги споделуваат истите вредности. Кога нешто се гради на љубов, сеќавања и посветеност, не е само лична иницијатива – станува заедничка мисија.
Следствено сметам декасо правото ја понесов аналитичноста и чувството за структура, од маркетингот- креативноста и разбирањето на луѓето, а од ИТ светот – способноста да се гледа „големата слика“ и да се водат тимови кон заедничка цел.
Себеси би се опишала како личност која го спојува рационалното со креативното, стратегијата со емпатијата и која секогаш бара начини да создава додадена вредност – без разлика дали е тоа во светот на бизнисот, технологијата или уметноста.
Трн: Дали можеби некој друг град, личност можеби ти е инспирација за ова што го правиш?
Изабела: Не сум видела никогаш никаде ваков проект за да се инспирирам од истиот. Инспирацијата ми дојде од недостатокот на информативни обележја и мојот порив да се фокусирам на решенијата наместо на проблемите. Нека ова биде и пораката кон читателите – грижата за просторот во кој живееме е всушност грижа за сопствениот идентитет – за она што нѐ прави автентични и поврзани. Наместо да чекаме некој друг да го покрене разговорот или да ја преземе одговорноста, важно е да ја препознаеме сопствената улога. Секој од нас има моќ да забележи она што другите го игнорираат, да го создаде она што недостига и да им даде глас на тивките приказни што го ткаат нашиот заеднички свет.
Трн: Како познавањето на културата и уметноста може да стане фенси за Скопје и неговите граѓани?
Изабела: Секогаш било, барем јас сум имала секогаш таков впечаток. Во последно време мислам дека не е ни фенси туку е начин на живот. Луѓето се повеќе се социјализираат така што одат на театарски претстави, отварање на изложби, посета на концерти и балеетски претстави. Скоро секој млад човек со кој сум разговарала има омилени уметнички дела и мислење за претстави. Тоа јасно покажува дека културата не е само нешто од минатото или елитно, туку современ и динамичен дел од нашиот секојдневен живот, кој ја збогатува и инспирира заедницата.
Трн: Кое е уметничкото дело во Скопје што според тебе треба да има статус на „најinstagramable“?
Изабела: Нека биде целата галерија на отворено на урбана и графити-уметност „Градот убав“, која се наоѓа во ГТЦ. Таму има прекрасни дела од повеќето локални уметници кои навистина ги ценам. И сите нови, убави мурали низ Скопје. Не се сеќавам некогаш градов да бил украсен со толку прекрасни мурали.
Трн: Колку е тешко да останеш културен активист во време на мемиња и TikTok трендови?
Изабела: Мислам дела никогаш не било полесно. Мојата првична идеја уште откако имам инстаграм беше да ја користам платформата за да информирам за уметност – тоа го правам со години таму, а од неодамна и на твитер. Не се сметам за културен активист во класична смисла туку за посредник кој ја прави уметноста достапна и возбудлива. За мене, вистинските културни активисти се уметниците и актерите кои, понекогаш и надвор од институциите, успеваат да ги инспирираат и мотивираат луѓето да се поврзат со уметноста и културата на личен начин.
Трн: Кој е твојот „скриен јунак“ од македонската јавна уметност – нешто што само упорните го наоѓаат?
Изабела: Две дрвени скулптури кои една до друга се поставени пред АРМ. Едната се вика Кон Височините создадена од Анжеј Кастен (Полска) а другата Материјализирана мисла од Петар Хаџи Бошков. И двете ги мапирав на museumofpublicart.com


Трн: Ако уметноста зборува, кој скопски споменик би зборувал најмногу трачеви?
Изабела: Ако уметноста зборуваше, најмногу трачеви сигурно би зборувала скулптурата на Малиот Принц, поставена пред Младинскиот културен центар.Како што Малиот Принц патува од планета на планета, собирајќи приказни, тајни и чудни навики на возрасните, така и оваа скулптура секојдневно „собира“ погледи, шепоти и малечки трачеви од минувачите – од љубопитните насмевки до невидливите разговори на младите за време на забавите и настаните таму. Таа е како живо сведоштво дека, како и во книгата, најинтересните и најважните работи се често невидливи за очите – но премногу слушливи за срцата кои сакаат да ги забележат.
