Министерот Арбен Таравари денеска излезе со нови информации околу повредените од дискотеката во Кочани.
„За среќа сите пациенти кои се донесени во болниците се во стабилна состојба, како и оние кои беа испратени во странство“, рече Таравари.
За разлика од Таравари, директорот на болницата „Пирогов“ во Софија, д-р Валентин Димитров, каде што се примениосуммнина пациенти, од кои тројца малолетници, рече денеска дека состојбата на сите пациенти е тешка, со изгореници на телото, горните екстремитети и лицето, како и на горните и долните дишни патишта, што дополнително ја комплицира нивната здравствена состојба.
Според д-р Димитров, тројца од пациентите се интубирани, додека за останатите ќе биде направена дополнителна медицинска проценка и терапевтски план.
– Ќе биде направено сè што е потребно, болницата располага со сите неопходни ресурси, нагласи тој. Додаде дека сите пациенти биле донесени во тешка состојба на термички шок, што е сериозна закана за организмот, независно од брзината на лекарската интервенција.
Заменик началникот на Воено медицинската академија (ВМА) во Белград, Иван Лековиќ денеска изјави дека во таа здравствена установа се пренесени шест пациенти, а еден пациент е лекуван во Воената болница во Ниш по пожарот во Кочани, Северна Македонија, и посочи дека сите се во тешка состојба.
Сите пациенти примени на ВМА се млади, родени од 1998 до 2007 година и се на одделението за интензивна нега, а нивната состојба е тешка и тешка.
„Ги преземаме сите мерки за интензивна нега и ги искористивме сите наши ресурси за да им помогнеме на овие луѓе и да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија.Покрај изгорениците што ги имаат сите, пациентите имаат и знаци и симптоми на труење од гасови од пожарот, како и повреди при вдишување, односно оштетување на респираторните органи и белите дробови од топол воздух и супстанци кои биле во пожарот. Лекувањето е долгорочно, бара многубројни операции“, објасни Лековиќ
Тој додаде дека сите хируршки зафати се изведуваат во повеќе фази и дека ќе треба да се направат одредени засеци, да се отстранат оштетените места и тие области да се покријат со различни видови на графтови.
Извор: Рацин.мк