Книга и видео есеј за токсичноста на етнонационализмот и сеќавањата што не сакаме да ги наследиме

Уметницата Ивана Сиџимовска го промовира проектот „Наследство” во сабота навечер во КСП Центар Јадро; патување низ архиви, лични приказни и историски зданија кои поврзуваат Холокаустот, југословенските војни и конфликтот во Македонија од 2001 година.

Што наследуваме и дали сме подготвени да преземеме одговорност за тоа? Уметницата Ивана Сиџимовска одговор бара преку книга и видео есеј „Наследство (или сè што оставаме позади нас)”, чија промоција е закажана за сабота, 4 април, во 19:30 часот во КСП Центар Јадро во Скопје. Настанот го организираат ПроПис и Контрапункт, а проектот е поддржан од Goethe-Institut и Европската Унија.

Видео есеј кој ги врзува Берлин, Белград и Тетово

Видео есејот на Сиџимовска го следи патот на поранешната амбасада на Кралска Југославија во Берлин, изградена врз експроприраното место на вилата Менделсон-Бартолди во нацистичката ера. Во неа прв резидент бил Иво Андриќ, подоцна добитник на Нобелова награда, кој тогаш се обидувал да ја спречи сопствената земја да стапи во фашистички сојузи. Од таа зграда, есејот се движи низ теми за експропријација, реституција, правда и помирување, поврзувајќи ги Холокаустот и југословенските војни со лични и архивски наративи.

Гласот на млада Албанка и границите на мултикултурализмот

Еден од централните наративи во проектот е сведоштвото на млада Албанка за трансформациите на идентитетот за време и по конфликтот од 2001 година — искуство кое ги надминува рамките на државно промовираниот мултикултурализам. Преку вакви лични приказни, проектот го доведува во прашање она што системите го нарекуваат „помирување” и она што реално останува нерешено.

Книгата зачувува гласови кои инаку исчезнуваат

Публикацијата е збир на интервјуа со луѓе од различни етнички и социјални средини во Северна Македонија, документирани во рамки на проект за усна историја. Целта е зачувување на живи приказни на поединци чиј глас останува незабележан во официјалните наративи.

Промотор Алаѓозовски, соорганизатори ПроПис и Контрапункт

Промоцијата ја води Роберт Алаѓозовски. Настанот е организиран во соработка на ПроПис Скопје и Контрапункт. Истражувањето е поддржано од програмата Culture Moves Europe на Goethe-Institut, финансирана од Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни