Центарот за социјални работи под лупа на Јавното обвинителство: Дали пропустите на институцијата кријат кривично дело?

Обвинителството отвори предмет за да го испита постапувањето на Центарот за социјални работи во случајот со Ивана и Катја и евентуалните пропусти по пријавите за семејно насилство.

Јавното обвинителство отвори предмет за да го испита постапувањето на Центарот за социјални работи во случајот со Ивана и малата Катја Јовановска, откако во јавноста се појавија информации дека институциите можеби не реагирале соодветно и покрај пријавите за семејно насилство.

Од Обвинителството соопштија дека предметот е оформен по допрен глас, врз основа на медиумски информации за утврдени неправилности при инспекциски надзор во Центарот за социјални работи.

„Врз основа на информациите објавени во медиумите за констатирани неправилности при извршениот инспекциски надзор во Центарот за социјални работи, Јавното обвинителство на РСМ оформи предмет по допрен глас и го проследи на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје“, соопштија од институцијата.

Основното јавно обвинителство Скопје ќе преземе проверки за да утврди дали евентуалните пропусти во постапувањето на институциите содржат елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.

Според информациите објавени во медиумите, Ивана и Катја претходно биле нападнати во болница од Стојанче, по што социјални работници излегле на терен. Сепак, случајот не добил епилог што би спречил понатамошно насилство.

Трагедијата предизвика силни реакции во јавноста, особено поради сомнежите дека институциите не реагирале навреме и дека системот повторно потфрлил во заштитата на жртвите на семејно насилство.

Невладини организации со години предупредуваат на пропусти во работата на социјалните служби и на потребата од поефикасна институционална реакција во вакви случаи.

Според последниот инспекциски надзор на Министерството за труд и социјална политика, биле утврдени неправилности во водењето на предметот за Ивана и Катја, кои трагично ги загубија животите по пад од балкон во скопската населба Карпош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни