Разговараме со м-р Ивана Хаџиванова, психолог, гешталт психотерапевт и ЕМДР практичар, која ни дава конкретни насоки за тоа како да ја разбереме тагата и како да се носиме со колективната загуба и траума. Хаџиванова, со долгогодишно искуство во психотерапијата, објаснува како да се справиме со шокот и бесот, кои се природни реакции на трагедија од вакви размери. Таа исто така нагласува колку е важно да побараме стручна помош и да не се носиме со траумата сами, бидејќи поддршката игра клучна улога во процесот на заздравување.
Понатаму, ќе дознаете како ЕМДР терапијата може да помогне при обработката на траумите и како различни психотерапевтски техники, како што се медитација и дишење, играат важна улога во заздравувањето по трагедијата. Психолошката поддршка е неопходна и може да помогне да се избегнат понатамошни психолошки нарушувања.
Прочитајте го целото интервју за да дознаете како да се справите со тешките емоции и да најдете пат кон исцелување во овие тешки моменти.
Трн: Како луѓето да се справат со шокот и тагата што ги предизвикува трагедија од вакви размери?
Ивана: Кога се случува голема трагедија, нормално е да се јави шок – првична реакција на мозокот и нервниот систем кон трауматскиот стрес. Оваа фаза може да трае од неколку часа до денови, при што личноста може да се чувствува дезориентирано, да има чувство на нереалност или да се повлече во себе и да делува отсутно.
Во такви моменти, најважно е да останеме присутни и смирени, создавајќи чувство на безбедност. Луѓето во шок често не можат да се фокусираат, па треба да им дадеме простор да го процесираат слученото. Нивните реакции варираат – може да зборуваат и повторуваат работи, да плачат или да молчат, а сето тоа е нормално.
Нашата улога е да бидеме тука за нив, без да ги присилуваме да зборуваат. Наместо клише-фрази како „Ќе помине“, подобро е да кажеме: „Тука сум за тебе“ или „Гледам дека ти е тешко, што би ти помогнало сега?“. Освен емоционалната поддршка, важно е да им се обезбедат основни потреби како вода, храна и простор за одмор.
По шокот, често следи фаза на силни емоции – тага, страв, гнев или вина. Споделувањето и поддршката од блиските се клучни, а движењето и сонот помагаат за полесно справување со симптомите на стрес. Почетниот контакт е само прв чекор во процесот на долгорочно психолошко заздравување.

Трн: Чувството на немоќ и бес е природна реакција по ваков настан. Како да управуваме со овие емоции и како да ги пренасочиме?
Ивана: Бесот е протест против загубата. Тој се јавува интензивно во втората фаза во процесот на тагување. Позади бесот се неподносливата тага, болка, страв, чувство на немоќ и неприфаќање на преболната вистина.
Вината и бесот може да бидат деструктивни или конструктивни – важно е да не ги потиснуваме, туку да ги канализираме на здрав начин. Овие емоции најчесто се јавуваат при неправда, загуба или беспомошност, но можат да се претворат во позитивна акција – преку помош, солидарност, волонтирање или учество во иницијативи за промена.
Споделувањето со блиски, поддржувачки групи или стручно лице помага во процесирање на овие чувства. Физичката активност, прошетки или плачот носат олеснување, а уметноста и креативното изразување се добар начин за изразување на емоциите, особено за младите.
Заедничките ритуали, религијата и молитвата можат да донесат утеха. Прекумерното следење вести зголемува вознемиреност, па е корисно да се прават паузи од информациите и да се фокусираме на она што можеме да го контролираме.
Справувањето со бесот и лутината не е брз и едноставен процес.
За жал, конкретнава енормна трагедија и колективна загуба, содржи фактори поврзани со нејзиното настанување, кои дополнително допринесуваат во големата акумулација на лутина и бес.
Трн: Колку е важно во вакви моменти луѓето да побараат психолошка поддршка, и кои се знаците дека им е потребна стручна помош?
Ивана: Психотерапијата и психолошката поддршка во сите свои форми, игра витална улога во процесот на психолошко и емоционално заздравување при вакви колективни трагедии со мултипли загуби.
Справувањето со траума и загуба е индивидуален процес, но постојат начини кои можат да помогнат во олеснување на емоционалната болка. Важно е да се знае дека барањето стручна поддршка не е знак на слабост, туку здрав начин за соочување со тешките искуства. Психолошката поддршка може да спречи развој на пост-трауматско стресно растројство и да го олесни процесот на тагување. Секој реагира различно – некои луѓе веднаш покажуваат силни емоции, додека кај други реакцијата може да се појави после неколку недели или месеци. Траумата не е само спомен, туку искуство што ако не се процесира, може да доведе до хроничен стрес, анксиозност, депресија, чувство на изолираност, нарушени односи и физички симптоми како несоница и исцрпеност.

Процесот на тагување обично вклучува неколку фази, кои не секогаш се случуваат во точен редослед: шок и неверување („Ова не може да биде вистина!“), гнев („Зошто се случи ова? Кој е виновен?“), преговарање („Што ако…?“), депресија – период на длабока тага и повлекување, и прифаќање, кога почнуваме да живееме со загубата.
Некои знаци дека е неопходна стручна помош вклучуваат: константна висока вознемиреност и раздразливост, тешкотии со спиењето и чести кошмари, избегнување разговори и социјална изолација, постојано навраќање на трагедијата, губење интерес за секојдневните активности, интензивни физички симптоми (главоболки, срцебиење, вртоглавици) и длабока тага што не се намалува со текот на времето.
Дополнително, некои луѓе може да искусат таканаречен „синдром на преживеан“, односно чувство на вина што тие преживеале, а други не. Честопати си поставуваат прашања како „Зошто јас?“ или „Можев ли да направам повеќе?“ Важно е да се разбере дека чувството на вина не значи вистинска вина.
Во оваа насока, од суштинско значење е да се поддржат луѓето што се справуваат со траума – преку разбирање, сочувство и охрабрување да побараат помош кога им е потребна. Психолозите и психотерапевтите од Неокортекс центарот нудат бесплатна психолошка поддршка за сите засегнати од трагедијата.
Трн: Дали постојат конкретни техники и начини што можат да им помогнат на луѓето да ги регулираат емоциите во деновите и месеците по трагедијата?
Ивана: Сите психотерапевтски пристапи и техники како инструменти на психолозите, носат бенефит и ефикасност на свој начин и се со крајна цел подобрување на психолошката состојба и менталното здравје на клиентот. Техники за „приземјување’’, техники за дишење, медитација, физичка активност и движење на телото, како и престој во природа може да помогнат, покрај вербалните интервенции и емпатичниот човечки контакт. Ќе ја издвојам EMDR (Eye Movement Desensitization and Reprocessing) како ефикасна психотераписка техника за обработка на траума, особено кај луѓе кои доживеале шокантни и болни искуства. Преку билатерална стимулација со контролирани движења на очите, тапкање или звучни сигнали, мозокот ја репроцесира траумата, намалувајќи ја емоционалната реакција на болните спомени. Наместо тие да останат „заглавени“ во умот и телото, личноста ги доживува на понежен и побезбеден начин. Оваа техника е ефикасна кај трауми, посттрауматски стрес, анксиозност, панични напади и загуба, и може да се работи со едуциран психотерапевт.
Психологот/психотерапевт пред се прави психолошка проценка за секој клиент и индивидуален тераписки план, според психолошката состојба и менталниот статус во моментот, како и контекстот на индивидуата, и проценува што е адекватно да се примени како техника, психотераписки правец или психолошка интервенција, и тоа е индивидуално од случај до случај.
Она што е важно да го знаеме е дека траумата остава траги, но со соодветна поддршка, луѓето можат да најдат начин да продолжат, без да бидат заробени во болката. Затоа е важно да охрабриме секој што чувствува дека тешко се справува да побара помош – било тоа да е од блиски луѓе, групи за поддршка или стручни лица. Никој не треба да се носи со ваква загуба или траума сам.