Итно евакуиран аеродромот на Кипар

Аеродромот е оддалечен околу 60 километри од британската база РАФ Акротири, која беше погодена од дрон во текот на ноќта.

Патничкиот терминал на аеродромот Пафос на Кипар беше евакуиран денес наутро откако радарот детектирал сомнителен предмет, објави кипарската државна телевизија.

Аеродромот Пафос, на западниот брег на островот, се наоѓа на територијата на Република Кипар . Опслужува главно западниот дел од Кипар и е популарен за чартер летови. 

Тој е оддалечен околу 60 километри од британската база РАФ Акротири, која беше погодена од дрон во текот на ноќта.

Откако добија вест за појавата на дрон, кој беше поврзан со нападот врз британската воздухопловна база во Акротири на Кипар, локалните власти наредија евакуација на аеродромот, прекин на летовите и евакуација на околните градови Мандрија, Темишвар и Анарита од превентивни причини, објави кипарскиот портал „Репортер“.

Во исто време, „ИзиЏет“ објави откажување на сите свои закажани летови од Велика Британија до Кипар до четврток, наведувајќи оперативни причини. Во меѓувреме, откако беа пресретнати два нови дрона што се движеа кон Кипар, властите им наредија на вработените да се вратат на работа, а воздушниот сообраќај се враќа во нормала, објавува „Пафос Нет“.

Кипарските власти претходно денес објавија дека кратко по полноќ бил извршен напад со беспилотни летала врз британската воздухопловна база во Акротири, Кипар, предизвикувајќи ограничена штета.

После тоа, уште два беспилотни летала полетаа кон британската воздухопловна база Акротири на Кипар, но беа „соборени навреме“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни