Итни состаноци во Словенија по бруталното убиство: двајца министри поднесоа оставка

Словенија е во шок по бруталното убиство во Ново Место, во кое 21-годишен маж до смрт претепал друг човек пред локален угостителски објект. Инцидентот предизвика лавина реакции, итни состаноци на државниот врв и оставки на двајца министри – министерката за правда Андреја Катич и министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар.

Премиерот Роберт Голоб потврди дека ги прифатил оставките, нагласувајќи дека двајцата ќе останат на функција до именување на нивни наследници. „Трагедијата што ја доживеавме бара целосна одговорност и решителна реакција на институциите,“ изјави Голоб по состанокот со владините претставници и безбедносните служби.

Реакции и прашања за одговорност

На итниот состанок учествуваа и министерот за труд Лука Месец, претседателот на Врховниот суд Миодраг Ѓорѓевиќ и заменик-државниот обвинител Боштјан Јеглич.

Министерот Месец изрази сочувство до семејството на жртвата и повика на „остар и одлучен одговор“ на државата. „Ова мора да биде прв и последен ваков случај,“ порача тој, додавајќи дека оставката на Катич е „разбирлива“, бидејќи правосудните институции реагирале премногу бавно.

Претседателот на Врховниот суд Ѓорѓевиќ изјави дека судството е „последна алка во синџирот“ и дека решението треба да започне со поефикасно законодавство и подобра работа на полицијата и обвинителството.

Премиерот Голоб бара конкретни мерки

Премиерот Голоб порача дека чувствува „висока должност да ја гарантира безбедноста на сите граѓани“. На социјалните мрежи напиша:
„Насилството не се раѓа преку ноќ. Се создава во општество каде што казната не ја следи вината, каде што правдата доцни и одговорноста губи смисла.“

Тој најави дека ќе ја посети локалната заедница во Ново Место за да се запознае со состојбата на терен и мерките што се преземаат.

Детали за нападот

Инцидентот се случил во ноќта меѓу петок и сабота, кога жртвата била нападната пред клубот „ЛокалПатриот“. Според неофицијални информации, неговиот син го повикал од клубот, тврдејќи дека му се заканува група луѓе. Кога таткото пристигнал, бил нападнат од неколку лица – наводно припадници на ромската заедница.

Иако итната помош успеала да го реанимира, тој починал неколку часа подоцна во болница. Полицијата потврди дека 21-годишниот осомничен бил уапсен по интензивна истрага и дека веќе бил познат на полицијата по претходни насилни дела.

Општината бара итна акција

Општината Ново Место остро го осуди нападот, предупредувајќи дека „состојбата со ромската популација станува сè посериозна“. Градоначалникот Грегор Мацедони побара од државата итни измени на казненото законодавство, наведувајќи:
„Има премногу заштита за виновните, а премалку за невините.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни