По смртоносниот напад врз 48-годишен маж во Ново Место, словенечката влада одржа итен состанок на кој беа договорени мерки за подобрување на безбедносната состојба. Државниот секретар за национална и меѓународна безбедност, Војко Волк, истакна дека е неопходно веднаш да се реагира за да се врати довербата на граѓаните во нивната безбедност.
„Овие предлози се насочени кон тоа да реагираме веднаш и да покажеме дека сакаме да воспоставиме контрола над ситуацијата, за да им го вратиме чувството на сигурност на луѓето. На стручна и оперативна основа ќе направиме сè што е возможно во рамките на постојното законодавство. Потоа, стручните и политичките тела ќе дејствуваат на среднорочен план за она што по вчерашниот настан се покажа како неопходно“, изјави Волк.
Засилување на полицијата и координативен тим
Советот за национална безбедност предложи значително засилување на Полицијата во Ново Место со полициски службеници од други единици, а ако е потребно ќе биде ангажирана и посебна полициска единица. Волк најави и формирање на координативна група која ќе го насочува теренскиот работен процес, привремено раководена од оперативна група на секретаријатот кој тој го води. „Ќе се состануваме секоја недела и ќе даваме насоки за понатамошно дејствување“, додаде тој.
Јавниот обвинител: Потоа смеостри казнената политика
Главната јавна обвинителка, Катарина Бергант, изјави дека Јавното обвинителство, поради влошувањето на ситуацијата поврзана со ромската заедница, ја заостри казнената политика, особено во случаи на повторно сторени и насилни дела.
Таа нагласи дека можат да дејствуваат само во рамките на постојното законодавство. Во соопштението наведе дека се згрозени од саботниот напад, кој најостро го осудуваат, и изрази сочувство до семејството на починатиот. „Во конкретниот случај, обвинителството постапи според своите надлежности и презеде сите потребни мерки што законот ги овозможува“, истакна Бергант.
Премиерот Голоб најави законски измени
Премиерот Роберт Голоб најави дека во наредните денови и недели ќе се подготви пакет законски измени со цел поефикасен одговор на влошените безбедносни услови, како во Ново Место, така и на други места во земјата.
Претседателот на Врховниот суд, Миодраг Ѓорѓевиќ, коментираше дека правосудството е „последно во низата“ и дека за решавање на ваквите случаи е потребно добро и ефикасно законодавство, полиција и јавни обвинители. На прашањето за одговорноста на правосудството, тој рече дека за тоа тешко може да се зборува.
Реакцијата на политиката следуваше по трагичниот настан во ноќта помеѓу петок и сабота, кога 48-годишникот отишол да го земе својот син пред локал во Ново Место, затоа што наводно му се заканувала група Роми. Тие потоа го нападнале и претепале, а тој подоцна починал во болница од задобиените повреди.
