Итна седница на Меѓународната агенција за енергија: Милиони барели нафта може да се пуштат на пазарот

Поради растот на цените на енергијата и војната на Блискиот Исток, Меѓународната агенција за енергија разгледува можност да пушти милиони барели нафта од итните резерви.

Директорот на Меѓународната агенција за енергија (IEA), Фатих Бирол, денеска свика вонреден состанок за да се разгледа можноста на светскиот пазар да се пуштат милиони барели нафта од итните резерви, поради наглиот раст на цените на енергијата предизвикан од војната на Блискиот Исток.

Состанокот, кој треба да се одржи денеска, има цел да се „процени моменталната безбедност на снабдувањето и состојбата на пазарот, со цел подоцна да се донесе одлука за евентуално ставање на располагање на пазарот на итните резерви на нафта на земјите членки на IEA“, соопшти Бирол, а пренесува европскиот портал Политико.

Триесет и една земја членка на IEA, главно развиени западни економии, се сè позагрижени додека Иран, Соединетите Американски Држави и Израел разменуваат воздушни напади, со што се доведуваат во ризик клучните синџири на снабдување и енергетската инфраструктура низ Персискиот Залив.

Како што се наведува, трговските бродови во меѓувреме почнале да го напуштаат Ормускиот Теснец – поморски премин низ кој поминува околу 20 проценти од светската трговија со енергенси. Тоа дополнително ги зголеми стравувањата од нов нагол скок на цените на нафтата.

Земјите членки на IEA засега не усогласиле заеднички мерки за одговор на кризата, поради неизвесноста колку долго би можела да трае војната.

Референтните цени на нафтата во првата недела од конфликтот се искачија на повеќе од 100 долари за барел, пред денеска да се стабилизираат на околу 88 долари, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека конфликтот би можел наскоро да заврши.

Земјите членки во моментов располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели итни резерви на нафта, како и со дополнителни 600 милиони барели што се чуваат во рамки на задолжителните државни резерви, изјави Фатих Бирол.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни