На 31 јануари, повеќе десетици корисници на апликацијата WhatsApp, која е во сопственост на компанијата Meta, биле известени дека биле цел на хакерски напад изведен со технологија на израелската сајбер-компанија Paragon Solutions.
Во соопштението што го објави италијанската канцеларија на Meta, платформата WhatsApp наведе дека спречила „шпионска кампања на Paragon, чија цел биле неколку корисници, меѓу кои и новинари и припадници на граѓанското општество“.
Откако британскиот Guardian објави извештај за случајот, италијанската влада на 5 февруари потврди дека најмалку седум мобилни телефони во Италија биле цел на нападот, нагласувајќи дека побарала од Националната агенција за сајбер-безбедност да спроведе истрага.