Италијанска вечер со барокниот ансамбл „Маре Нострум“

„Охридско лето“  со поддршка од Амбасадата на Италија во земјава вечерва ќе организира Италијанска вечер на фестивалот. Концертот ќе го одржи барокниот ансамбл „Маре Нострум“ во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

На фестивалскиот подиум ќе настапат еден од најценетите млади италијански контратенори Данило Пасторе, баритонот Масаши Томосуги, тенорот Анџело Тестори, сопранот Џулиа Болкато, како и Андреа де Карло, диригент и уметник кој музицира на виола де гамба.

Ансамблот „Маре Нострум“ основан во Рим од страна на диригентот и уметнички раководител Андреа де Карло  важи за еден од најоригиналните и изненадувачки барокни ансамбли кои се посветени на изведбата на „стара“ музика со особен афинитет кон музиката од италијанските композитори, особено на оперите на Алесандро Страдела. По нивните високо оценети и наградувани снимени изданија, во 2013 година се раѓа проектот „Страдела“, колекција на ЦД-а со комплетните дела од овој композитор снимени за издавачката куќа Аркана. Сите посебни ЦД-а (серенади, опери и ораториуми) добиваат одлични критики и се признати од страна на меѓународната музичка јавност. Својот иновативен и истражувачки пристап Маестро Де Карло го презентира на  бројни семинари, мајсторски курсеви и конференции и тој наскоро ќе биде издаден во печатено издание. Ансамблот на своите интерпретации им приоѓа студиозно и со долгогодишно посветено музиколошко истражување кое резултира со нови печатени изданија на досега непознат нотен материјал, како и на критички едиции на веќе објавени музички дела.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни