Италија испрати втор воен брод за да ја поддржи меѓународната флотила со хуманитарна помош за Газа, откако, според организаторите, била нападната со дронови, изјави италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во четвртокот.
Флотилата, организирана од Global Sumud Flotilla (GSF), се состои од околу 50 цивилни бродови, чија цел е да ја пробие израелската поморска блокада на Газа. Меѓу патниците се наоѓаат активисти и правници од различни земји, вклучително и шведската климатска активистка Грета Тунберг.
„Веќе испративме еден брод, а вториот е на пат и подготвен за секоја ситуација“, изјави Крозето пред италијанскиот парламент.
Наводен напад со дронови
Првиот италијански воен брод беше испратен во средата, само неколку часа откако GSF објави дека нејзините бродови биле нападнати со дронови кои исфрлале шок-бомби и иритирачки прав, на околу 56 километри од грчкиот остров Гавдос, во меѓународни води.
GSF за нападот директно го обвини Израел, иако израелското министерство за надворешни работи не даде конкретен одговор, туку повторно ги повика организаторите хуманитарната помош да ја испорачаат преку израелското пристаниште, од каде властите би ја транспортирале во Газа.
И Шпанија најави дека ќе испрати воен брод за да помогне во заштитата на флотилата.
Крозето ги предупреди активистите да се воздржат од обидот за насилно пробивање на блокадата и ги повика да го прифатат италијанскиот предлог – помошта да се предаде и дистрибуира преку Католичката црква во Газа.
„Не можеме да гарантираме безбедност за нашите државјани ако влезат во територијални води на други држави“, додаде министерот.
GSF соопшти дека во четвртокот нивните бродови се движеле со мала брзина во грчки територијални води, и биле изложени на „умерени напади со дронови“ во текот на ноќта. Организаторите најавија дека планираат да влезат повторно во меѓународни води во текот на денот.