Италија има нови брутални камери на патиштата- Еве што „фаќаат“

Италија поставува нов систем „сорпасометро“ со сензори и камери кои снимаат неправилно претекнување на опасни делници. Казните достигнуваат до 1300 евра, а возачите можат да поднесат жалба во рок од 30 до 60 дена.

Нов уред за надзор на сообраќајот, наречен „сорпасометро“, влегува во оперативна фаза една година по одобрувањето од надлежните органи, а возачите ги чекаат високи казни за неправилно претекнување. Овој систем, официјално наречен SV3, се приклучува на постоечката опрема на локалната полиција, како радарите и системите за мерење на просечна брзина, но со клучна разлика – специјализиран е за откривање на претекнување на забранети делници, пишува corriere.it.

Сензори во асфалтот и камери фаќаат прекршители

Системот функционира преку комбинација од сензори вградени во коловозот и надзорни камери. Кога сензорите ќе регистрираат прекршок, камерите го снимаат возилото, а податоците автоматски се праќаат до надлежните органи кои потоа издаваат казна на името на сопственикот на возилото.

Важно е да се напомене дека „сорпасометро“ не се поставува на случајни места. Може да се користи исклучително на локации со висок ризик од несреќи, и тоа само по одобрување од надлежниот префект. Целта е превентивно дејствување на опасни места како непрегледни свиоци или делници со намалена видливост, каде неправилното претекнување може да има фатални последици.

Првите уреди веќе активни во Италија

Еден од првите вакви системи веќе е во функција во Италија, во покраината Козенца, на државниот пат SS18 кој е познат по опасни маневри. Уредот, активен од почетокот на август, снима видео од 15 секунди како неоспорен доказ за прекршокот.

Возачите кои сметаат дека казната е неправедна, на пример поради неадекватна сигнализација или сомнеж за хомологацијата на уредот, можат да проверат сите детали. Рокот за поднесување жалба до прекршочниот судија е 30 дена, а до префектот 60 дена.

Казните се и над 1300 евра

Казните за неправилно претекнување фатено со овој систем се исклучително високи. Во населени места се движат од 42 до 173 евра, заедно со одземање на два поена. На отворени патишта казната може да достигне 345 евра и три казнени поени.

Во најтешките случаи, како претекнување пред свиок или на превој, казната се зголемува на 666 евра, со одземање 10 поени и суспензија на возачката дозвола од еден до три месеци. Доколку се утврди и прекршок за возење во спротивна насока, вкупниот износ на казната може да надмине 1300 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни