Италијанската управа за заштита на лични податоци (ГПДП) покрена истрага против кинеската стартап компанија за вештачка интелигенција DeepSeek, на која и беше забрането да обработува податоци на италијанските корисници. Регулаторот соопшти дека оваа одлука била донесена бидејќи добиле „потполно неадекватни” одговори од компанијата на нивните прашања за користењето на личните податоци.
Управата во вторникот објави дека поставила прашања до компанијата DeepSeek за тоа како се собираат лични податоци, од кои извори, со каква цел и каде се чуваат.
Одговорот бил дека компанијата нема активности во Италија и дека европските закони не се применуваат на нив.
Бидејќи не биле задоволни од таквиот одговор, Управата вчера нареди на кинеските компании што обезбедуваат услуги за чат-ботот DeepSeek веднаш да го прекинат обработувањето на податоците на италијанските корисници.
Компанијата DeepSeek, чие што седиште е во Хангџоу, исток од Кина, понекогаш наречена „кинеска Силиконска долина“, предизвика загриженост оваа недела на Њујоршката берза во Волстрит бидејќи претстави нов, моќен програм за вештачка интелигенција – чат-бот развиен со необично мали трошоци, а истовремено не му е потребна голема компјутерска моќ како на останатите програми. Ова влијаеше на цените на акциите на големите производители на компјутерски чипови, а пред сè на компанијата Nvidia.