Италијанскиот јазик преку границите: XXV Недела на италијанскиот јазик во светот

Од 13 до 30 октомври 2025 година, Република Северна Македонија ќе биде домаќин на 25-то издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот.

Во годината на Првата меѓународна светска конференција на Италофонијата и во континуитет со петтата Генерална конференција за италијанскиот јазик во светот, ова издание е посветено на темата „Италофонија: Јазик преку границите“. Целта е да се прослави јазичниот, културниот и социјалниот аспект на италијанскиот јазик и да се воспостави глобална заедница на луѓе обединети од страста за италијанскиот јазик и од врската со Италија.

Во организација на Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со локални институции и партнери, манифестацијата ќе понуди богат календар на настани од сферите на литературата, филмот, сценските уметности, музиката, фотографијата, лингвистиката и образованието.

Во понеделник, 13 октомври, во Europe House во Скопје со почеток во 19:00 часот ќе се одржи инаугуративен настан посветен на италофонијата во светот. Централно обраќање ќе има професорката Лучила Пицоли, позната лингвистка и соработничка на Друштвото „Данте Алигиери“ од Рим, која ќе говори за „Италофонија: Јазик преку границите“, поттикнувајќи рефлексија за улогата на италијанскиот јазик како средство за ширење и пренос на културата и идентитетот надвор од границите на Италија. По нејзиното излагање ќе следи панел-дискусија на којашто ќе биде презентирана успешната пилот-програма за интензивно изучување на италијанскиот јазик во средното училиште „Никола Карев“ во Скопјe, како конкретен модел за новите перспективи за наставата по италијански јазик во земјата. Настанот е организиран во соработка со Институтот Данте Алигиери, Универзитетот „Св. Кирил е Методиј“ во Скопје, Здружението на професори по италијански јазик и гимназијата „Никола Карев“ од Скопје.

На 14 октомври, вторник, повторно во Europe House во Скопје со почеток во 20:00 часот во центарот на вниманието ќе биде литературата на италијанско-македонската книжевна средба на која гостите ќе можаат да уживаат во разговорот меѓу италијанскиот писател Диего Ѕандел и професорката Анастасија Ѓурчинова, која ќе ја претстави својата најнова книга „Меѓулитерарни дијалози“, сведок за нејзиното децениско и посветено проучување на културните односи меѓу Италија и Северна Македонија.

Среда, 15 октомври е резервирана за филмската уметност преку проекцијата на новото остварување на Микеле Плачидо насловено „Вечниот визионер“ (2024 година) кое ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопјe со почеток на пладне. Филмот се фокусира на интимната и комплексна приказна на Луиџи Пирандело, писателот добитник на Нобеловата награда за литература. Проекцијата на филмот, кој ќе биде со превод на македонски и англиски јазик, е организирана во соработка со Амбасадата на Швајцарија во Скопје.

Во четврток, 16 октомври, во 19:00 часот Друштвото на писатели на Македонија ќе биде домаќин на презентација посветена на Андреа Камилери, по повод стогодишнината од неговото раѓање. Професорката Радица Никодиновска ќе го илустрира јазичниот универзум на сицилијанскиот писател, прочуен како творец на обожуваниот лик на инспекторот Монталбано. Посебно внимание ќе се посвети на предизвиците поврзани со преведувањето на неговите дела, кои се познати низ целиот свет.

Неделата ќе продолжи со посебен фокус на можностите за студирање во Италија: Амбасадата ќе биде присутна на образовниот саем организиран од Европската Делегација кој ќе се одржи во Europe House во Струмица во четврток, 17 октомври, со почеток во 12 часот, но исто така и на саемот „Study Abroad” во организација на Educational Advising Center закажан за петок, 18 октомври во 12 часот во хотелот Холидеј Ин во Скопје. На штандот на Амбасадата на Италија ќе може да се добијат информации за стипендиите кои секоја година ги доделува италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, за процедурите за упис и издавање на виза за студии, а сите заинтересирани за студирање на универзитетите во Италија ќе можат да се информираат и за широката и висока-квалитетна понуда за студии на бројните италијански високообразовни институции.

На 20 октомври во 20:00 часот, во соработка со Гостиварскиот театар ќе се прикаже претставата „Гласот на телото“ од Лука Вуло, двојазична комедија (на италијански и англиски јазик) која на сцената ќе ја оживее автентичноста на уникатната италијанска невербална комуникација преку гестикулациите. Заедно со режисерот и водечки актер Лука Вуло, на сцената ќе биде присутна и Анџела Габриели, неговата мајка, која со своето учество ќе додаде и поинтимна, семејна димензија на шоуто.

Вуло повторно ќе биде протагонист и на мастеркласот што ќе се одржи наредниот ден, на 21 октомври во 11:30 часот во Скопје на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на тема „Уметноста на италијанското гестикулирање“. Вечерта пак на 21 октомври, италијанскиот пијанист Алесандро Вена ќе изведе концерт под наслов „Музички бисери“, кој ќе се одржи во малата сала на националната Филхармонија со почеток во 20:00 часот.

Наредниот ден, среда 22 октомври, филмот ќе се врати во преден план во киното Cineplexx во 20:00 часот, со проекцијата на оригиналната швајцарско-италијанска комедија „Тобар тен, Швајцаријо/Бон Шур, Швајцаријо“ (2023 година) од Петер Луизи, организирана во соработка со Амбасадата на Швајцарија. Филмот, кој ќе се прикаже со превод на англиски и македонски јазик, нуди хумористичен и забавен осврт на јазичниот сензибилитет и културниот идентитет во повеќејазичен контекст.

На 28 октомври во 12.00 часот програмата ќе се пресели на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што ќе се одржи настан посветен на животот и делото на Стефано Бени, еден од најомилените и најоригинални автори на современата италијанска книжевност, кој неодамна почина. Настанот, насловен „Смеa преку граници: читање и преведување на Стефано Бени“, ќе се читаат извадоци од неговите дела и ќе се дискутира за уникатната духовитост на болоњскиот писател и за преведувачките предизвици за преточување на неговиот хумор во литературен израз. Меѓу говорниците ќе бидат Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писатели на Македонија, и професорката Јована Караникиќ Јосимовска.

Неделата на италијанскиот јазик во светот ќе продолжи на Филолошкиот факултет во Скопје на 29 октомври, со почеток во 12:00 часот со отворањето на изложбата на фотографии под наслов „Сицилија, нејзиното срце. Омаж на Леонардо Шаша“. На настанот ќе се обрати Вито Каталано, куратор на изложбата и воедно внук на писателот Шаша. Организирана во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Фондацијата Леонардо Шаша, изложбата се состои од 50 фотографии што го прикажуваат прочуениот италијански автор и интелектуалец во неговиот роден град Ракалмуто (Сицилија) и во различни моменти од неговиот живот. Поставката, која претставува своевидно признание за писателот по повод триесет и пет години од неговата смрт, ќе биде отворена за посета во фоајето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје до 12 ноември.

Вечерта на 29 октомври во 19:00 часот, во книжарницата „Литература“ во трговскиот центар „Дајмонд Мол“, професорките Ева Ѓорѓиевса и Јована Караникиќ Јосимовска ќе ја презентираат својата книга „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“.

За крај на 25-тата недела на италијанскиот јазик, на 30 октомври во 19:30 часот Здружението на професори по италијански јазик ќе ги презентира своите бројни иницијативи, како што се: едукативни работилници и игри, интервјуа, традиционални италијански танци и креативни проекти, чија цел е продлабочување на познавањето за италијанскиот јазик и култура во Северна Македонија.

Сите настани се бесплатни и со слободен влез. Деталниот каталогот на Неделата е достапен на линкот: https://www.facebook.com/share/p/1RcHVS7XMr/ (FB/Instagram: Ambasciata d’Italia а Skopje).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни