Техничкиот комитет на експерти при агенцијата на ОН веќе даде позитивна оценка за поднесената кандидатура, а конечната одлука се очекува идниот месец. Веста ја потврдија италијанското Министерство за култура и Министерството за земјоделство, кои заеднички го поднесоа предлогот, пренесува Euronews.
И покрај охрабрувачките сигнали, италијанските претставници повикуваат на воздржаност до официјалното гласање. „Прекрасно е да се види колкав интерес предизвикува можноста италијанската кујна да биде призната како дел од светското културно наследство“, изјави министерот за земјоделство, прехранбен суверенитет и шумарство Франческо Лолобриџида. Тој сепак апелираше јавноста да почека до „10 декември“ пред да започне со славење.
Богата нематеријална традиција
Доколку кандидатурата биде прифатена, италијанската кујна ќе се приклучи на низа други италијански традиции кои веќе се дел од светската нематеријална културна баѓтина. На списокот веќе се впишани умешноста на наполитанските „пицамајстори“ (2017), изработката на стаклени монистра (2020), оперното пеење (2023) и традиционалното рачно ѕвонење (2024).
За тоа дали и италијанската кујна ќе стане дел од овој престижен регистар ќе одлучува Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО, на состанок што ќе се одржи во Њу Делхи, Индија, од 8 до 13 декември.
Од пица до тестенини – богатството на вкусови
Италијанската кујна опфаќа широк спектар јадења и гастрономски практики – од познатите регионални специјалитети до традиционалните техники на подготовка на храната. Во неа влегуваат пици, различни видови тестенини и рижота, сирењата како пармезан и моцарела, маслинови масла, пршут, салами и безброј локални деликатеси. Секоја италијанска област негува свои рецепти и методи на готвење што се пренесуваат од генерација на генерација, создавајќи богат и разновиден мозаик на вкусови и обичаи.
Нејзината уникатност лежи во едноставноста, квалитетните состојки и длабоко вкоренетата улога на храната во секојдневниот живот. Во Италија храната не е само оброк – таа претставува ритуал на заедништво, семејно собирање и социјална интеракција. Почитувањето на сезонските намирници, регионалните особености и локалните традиции ја прават италијанската кујна препознатлива и ценета на глобално ниво.
Токму овие вредности се главната причина поради која италијанската кујна е на чекор до впишување на престижната листа на УНЕСКО како уште едно културно богатство на човештвото.
Извор: Index.hr
