Италијанската книжевност низ вековите – промоција на нова книга на „Арс Ламина“

Настанот ќе се одржи на 29 октомври во „Литература.мк“ – дел од 25. Недела на италијанскиот јазик во светот.

Во рамките на 25. Недела на италијанскиот јазик во светот, која оваа година се одбележува од 13 до 30 октомври, ќе се одржи промоцијата на книгата „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“ од авторките проф. д-р Ева Ѓорѓиевска и проф. д-р Јована Караникиќ Јосимовска. Настанот ќе се случи во среда, на 29 октомври, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во Diamond Mall.

Изданието на „Арс Ламина“ ќе го промовира проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, а на промоцијата ќе се обрати и уредничката Цветанка Стоилова.Книгата претставува значаен придонес кон проучувањето на италијанската книжевност и култура, обединувајќи ги културните, филозофските и книжевните достигнувања на епохите на барокот, просветителството и неокласицизмот.

Авторките преку аналитички и историски пристап ги претставуваат најзначајните претставници на трите епохи и нивното влијание врз европската и светската култура. Меѓу спомнатите се: Џордано Бруно, застапник на хелиоцентричната теорија; Галилео Галилеј, основоположник на емпирискиот метод; Џамбатиста Вико, со својата филозофија на историјата; Џамбатиста Марино, познат по иновативните метафори; Карло Голдони, реформатор на театарот; Џузепе Парини и неговата општествено ангажирана поезија; Виторио Алфјери со своите интроспективни драми, како и Винченцо Монти и неговите игриви дијалози со традицијата и современоста.

Книгата нуди и теоретски и практичен дел – анализи на текстови и извадоци од оригинални дела, со што ја збогатува наставната и истражувачката литература на ова поле.

Паралелно со книжевните аспекти, делото обработува и значајни уметнички остварувања во музиката, архитектурата, скулптурата и сликарството, создавајќи интердисциплинарен увид во богатството на италијанската културна традиција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни