Италија реши сериозно да се справи со сè почестиот проблем на користење мобилен телефон за време на возење. Од крајот на 2024 година, земјата на брзите автомобили и тесните улици воведе значително построги казни, а резултатите се веќе видливи.
Според податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи, само во првите три месеци од примената на новите правила одземени се 8.912 возачки дозволи поради користење мобилен телефон во текот на возењето.
Вкупно се одземени 17.607 дозволи, а речиси половина од случаите се поврзани со употреба на паметен телефон зад воланот.
Казни и забрани уште при првиот прекршок
Новите прописи, кои стапија во сила на 14 декември 2024 година, предвидуваат дека возачите кои ќе бидат фатени првпат да користат телефон за време на возење ќе се соочат со забрана за возење од две недели до два месеца и парична казна од 250 до 1.000 евра.
За повторен прекршок, казните се уште построги – до 1.400 евра и забрана за возење до три месеци.
Помалку несреќи, повеќе безбедност
Просечно, 100 Италијани секој ден ја губат возачката дозвола поради користење телефон.
Но властите тврдат дека строгите мерки веќе даваат резултати – во првите три месеци бројот на загинати во сообраќајот е намален за 20%, повредените за 8,8% а вкупниот број на несреќи за 5,5%.
Според проценките на министерството, на овој начин се спасени најмалку 61 живот.
Властите одбиваат критики
Иако некои критичари ги нарекуваат мерките „лов на возачи“ и „државна пљачка“, властите остануваат цврсти во ставот дека правилата се неопходни.
„Контролите се строги, но не и произволни. Ова е најдобар начин да се намали најчестиот причинител на несреќи денес – невнимание поради мобилен телефон“, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Корисниците на мобилни телефони зад воланот претставуваат сè поголем проблем и во земјите од регионот. Италијанскиот пример покажува дека доследна контрола и строги казни можат брзо да донесат резултати и да ја зголемат безбедноста на патиштата.