Миланското обвинителство отвори истрага против 80-годишен италијански државјанин во рамки на случајот за т.н. „снајперски туризам“ во Сараево во текот на 1990-тите години, потврдија за Ројтерс два извори директно запознаени со предметот.
Станува збор за првото идентификувано лице во истрагата што започна минатата година. Осомничениот, чие име не е објавено, е поранешен возач на камион кој живее во близина на Порденоне, во северна Италија.
Според наводите, тој се товари за повеќекратно тешко убиство од ниски побуди. Засега не е познато дали обвинителите го сомничат дека лично пукал врз цивили или дека обезбедувал превоз и логистичка поддршка за странски „клиенти“. Осомничениот се брани од слобода и е повикан на распит на 9 февруари.
Обвинителството истражува тврдења дека странски државјани плаќале за да пукаат врз цивили за време на опсадата на Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, во војната пред три децении.
За време на конфликтот од 1992 до 1995 година, кој уследи по прогласувањето независност на БиХ од поранешна Југославија, околу 11.000 цивили беа убиени од гранатирање и снајперски оган од позициите на Војската на Република Српска на ридовите околу опколениот град.
Истрагата поттикната од новинарска пријава
Миланското обвинителство ја покрена истрагата по правна пријава поднесена од италијанскиот новинар и писател Ецио Гавацени, кој тврди дека Италијанци и други странци плаќале на припадници на силите на босанските Срби за да им овозможат учество во вакви „стрелачки излети“.
Гавацени изјави дека истражувањето го започнал откако го гледал документарниот филм „Sarajevo Safari“ од словенечкиот режисер Миран Зупанич, објавен во 2022 година.
Според неговите наводи, богати странци плаќале високи суми, се собирале во Трст, патувале до Белград, а потоа, со придружба на војници на босанските Срби, биле носени на позиции со поглед кон Сараево.
Отворањето на истрагата во Италија во ноември 2025 година разбуди надеж кај преживеаните од опсадата дека одговорните конечно ќе се соочат со правдата.
Извор Reuters
