Кој е Италијанецот што се фалел со „Сараевско сафари“: тишина и неверување во родниот град

Италијанските медиуми откриваат идентитет на 80-годишен маж под истрага како снајперист кој пукал врз цивили за време на опсадата на Сараево, додека неговата заедница реагира со шок и молк.

Во малиот италијански град Сан Вито ал Таљаменто завладеа тишина откако беше објавено дека нивен 80-годишен сограѓанин е под истрага како првиот идентификуван италијански снајперист кој пукал врз цивили за време на опсадата на Сараево од 1992 до 1996 година. Истрагата, што ја води Јавното обвинителство во Милано, отвори едно од најмрачните поглавја поврзани со злосторствата извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Според италијанските медиуми, веста за истрагата предизвикала шок и неверување меѓу жителите на градот. „Тешко е во ова да се поверува“, е најчестата реакција што новинарите ја добивале на улиците, објави La Repubblica. Мнозинството жители одбивале да зборуваат, додека некои признаваат дека брзо сфатиле за кого станува збор.

Еден постар жител го опишува осомничениот како затворен и намќор човек со изразени десничарски ставови, познат по вербални испади во локалното кафуле. На вратата од неговиот дом никој не одговорил, освен неговата сопруга, која кратко изјавила дека семејството нема да коментира. Соседите, пак, го опишуваат како семеен човек, со деца вработени во државни институции.

За време на претресот, карабинерите пронашле седум парчиња оружје, пет пушки и два пиштоли, за кои имал уредни дозволи. Осомничениот, кој во времето на војната бил помлад од 50 години, бил страствен ловец и риболовец, хоби типично за тој регион.

Сликата што ја имаат неговите сограѓани е во остар контраст со описот даден во пријавата што ја поднеле писателот Ецио Гавацени и новинарката Маријана Мајорино, со која и е покрената истрагата. Во документите се наведува дека тој се фалел со учество во воени злосторства на Балканот, облечен во црна униформа.

Осомничениот е повикан на испрашување во Милано пред главниот обвинител Марчело Виола и обвинителот Алесандро Гобис, кој наскоро патува во Хаг во рамки на меѓународната истрага.

Градоначалникот на Сан Вито ал Таљаменто, Алберто Бернава, изрази длабока загриженост, нагласувајќи дека ваквите наводи фрлаат темна сенка врз имиџот на градот. Тој најави дека, доколку вината биде докажана, општината ќе размисли да се приклучи кон тужбата како оштетена страна. Во меѓувреме, Град Сараево веќе најави приклучување кон судската постапка.

Случајот повторно го отвори прашањето за странските борци и поединци кои учествувале во злосторствата за време на опсадата на Сараево – тема што и по три децении останува длабоко чувствителна, не само за жртвите, туку и за европските општества кои сè уште се соочуваат со сопствената одговорност и молк од минатото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни