Италија со години беше изложена на пазарни нестабилности поради високиот јавен долг и банките со широко меѓународно работење. Денес, пазарите ѝ одат во прилог, благодарение на упорноста на централната банка, која смета на златните резерви, пишува Reuters.
Италијанските златни резерви ја одразуваат политиката на зачувување на вредноста што трае со децении, уште од крајот на Втората светска војна, кога се започна со тешко полнење на трезорите ограбени од нацистите.
Италијанската држава одолеа на честите повици во време на криза да ги продаде резервите за да го намали високиот јавен долг.
Денес, италијанската централна банка по количина на злато заостанува само зад САД и Германија.
Се проценува дека 2.425 тони италијанско злато, според моменталните цени, вреди околу 300 милијарди долари, што одговара на 13 отсто од БДП на Италија во 2024 година, покажуваат пресметките на Reuters.
Фјорино како долар
Италијанската наклонетост кон златото датира од одамна – уште од старите Етрурци кои совладале техника на топење златни гранули, многу пред античкиот Рим.
Под Јулиј Цезар, златната монета ауреус станала монетарна основа на Римската империја, а неколку века подоцна, фјорино изградил репутација во средновековна Европа споредлива со денешниот статус на американскиот долар.
Посовремената италијанска политика во управувањето со златото е обликувана од искуството за време на војната и нацистичката конфискација на 120 тони злато, со поддршка од италијанскиот фашистички режим.
По завршувањето на војната, останале само 20 тони злато.
„Економско чудо“ и обнова на резервите
„Економското чудо“ во повоениот период ѝ донесе на Италија статус на извозно ориентирана економија со голем прилив на девизи, особено долари. Дел од тие приходи, според веб-страницата на италијанската централна банка, биле претворени во злато.
До 1960 година, резервите пораснале на 1.400 тони, вклучувајќи и три четвртини од вратените златни прачки во 1958 година што биле конфискувани од нацистите.
Злато како гаранција
Нафтените шокови од 1970-тите означија почеток на нов период на неизвесност во светската економија, кој во Италија се карактеризираше со социјални немири и чести промени на влади.
„Екстремната монетарна нестабилност ги натера централните банки на западните земји да купуваат злато, симбол на финансиска стабилност,“ објаснува за Reuters деканот на Школата за менаџмент SDA Bocconi во Милано, Стефано Казели.
Во 1976 година, за да ги затвори буџетските дупки предизвикани од одлив на капитал, Рим положи 41.300 златни прачки како гаранција за заем од 2 милијарди долари од германската Бундесбанка.
За разлика од Велика Британија и Шпанија, Италија сепак не сакаше да продава злато дури ни во време на финансиски кризи, и ги задржа резервите дури и за време на должничката криза во еврозоната во 2008 година.
„Златото е како семејно сребро, како дедов часовник – последна сламка на спас во кризи што го разнишуваат меѓународното доверба во (Италија),“ пишуваше Казели во 2018 година во книгата „Оро“ (Злато).
„Сакристија“
Златото и денес во многу западни земји се смета за заштитен механизам кој се активира само во крајна нужда. Тектонските промени во меѓународните односи поттикнаа многу централни банки ширум светот повторно да собираат злато во своите трезори.
„Историската одлука на италијанската централна банка денес изгледа неверојатно актуелна, бидејќи повторно сме во слична ситуација,“ вели Казели.
Светот се менува, вели тој – цените на пазарите достигнуваат невидени висини, криптовалутите стануваат сè попопуларни, но најмногу се бара токму она што централните банки го чуваат во трезори.
И со право не го продаваат златото, нагласува тој.
Во моментов, италијанската централна банка во трезорот чува околу 871.713 златници со вкупна тежина од околу 4,1 тона. Нивниот статус се открива и преку името што го добиле во Италија – „сакристија“.
Според податоците на Светскиот совет за злато (WGC), златото на крајот од минатата година сочинувало речиси 75% од официјалните италијански резерви, додека просекот во еврозоната изнесувал 66,5%.
Италија, исто така, остана меѓу водечките светски извозници на златен накит, со производствена концентрација во Александрија, Арецо и Виченца.
Непоколеблива банка
Италијанскиот јавен долг во меѓувреме надмина три билиони евра и според некои проценки би можел да достигне 137,4% од БДП во 2026 година.
Централната банка не гледа решение во празнење на трезорите.
„И да продадат половина од златните резерви, тоа не би го решила италијанскиот јавен долг,“ предупредува Џакомо Киорино, раководител на секторот за пазарна анализа во Banca Patrimoni Sella&C.
Некои тврдат дека со продажба на златните прачки складирани во „сакристијата“ може да се финансираат основни јавни услуги.
Banca d’Italia одби да ја коментира својата политика за управување со златото за потребите на статијата на Reuters.