Предлог-законот со кој ќе се казнуваат сторителите на фемицид со доживотен затвор беше едногласно усвоен од пратениците во италијанскиот парламлент, што, според премиерката Џорџа Мелони, „е показател за политичко единство против варварската природа на насилството врз жените“, објавува италијанскиот јавен сервис РАИ.
Со ваквата одлука италијанскиот парламент официјално го вклучи фемицидот, односно намерното убиство на жени и девојчиња поради нивниот пол, во Кривичниот законик, со казна доживотен затвор.
Владата на Мелони од самиот почеток го поддржува овој закон, како и други прописи што ја зајакнуваат заштитата на жените, вклучително и мерките против следење. Во Парламентот моментално се обработува предлог-закон, кој јасно предвидува дека е забранет секој сексуален однос без „слободна и вистинска согласност“.
„Го удвоивме финансирањето за центрите за поддршка на жртвите и безбедните домови, обезбедивме телефонска линија и започнавме нови образовни и превентивни активности. Ова се конкретни напредоци, но нема да застанеме. Мора да правиме повеќе, секој ден“, рече Мелони, според агенцијата АП.
Гласањето се одржа на истиот ден со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, организиран од Обединетите нации.
Минатата година, Италија пријави 106 фемициди, од кои 62 биле извршени од сегашен или поранешен партнер, соопшти АП, повикувајќи се на податоци од италијанскиот Завод за статистика.
Овие податоци ги следат глобалните трендови: речиси две третини од убиствата на жени ширум светот се извршени од партнери или членови на семејството, според анализата на UN Women.
Проблемот со насилството врз жените во Италија доби посебен фокус во ноември 2023 година, кога 22-годишната студентка Џулија Чечетин беше избодена до смрт од нејзиното момче. Подоцна беше осуден на доживотен затвор.
Сепак, организациите за права на жените, како што е движењето „Нон Уна ди Мено“ (Ни една помалку), предупредуваат дека владата премногу се потпира на построги казни, наместо на превенција.
Италија, потсетуваат тие, е една од ретките земји во Европската Унија што нема задолжително сексуално образование во училиштата, а многу постоечки програми бараат согласност од родителите.
Движењето „Нон Уна ди Мено“ оваа недела изјави дека државата мора да инвестира повеќе во „сексуално и емоционално образование“, како и во „економската безбедност на жените“.
